Достапни линкови

Искривени бандери, паѓаат кабли, слаб напон во кумановските населби


Жителите на кумановско Долно Којнаре се жалат дека напонот е премногу низок, па не можат да вклучат по два електрични апарати истовремено. Исто така се жалат дека дотраените бандери и каблите претставуваат опасност.

Ако во градот електричните кабли се надвиснати над дворови, сообраќајници, закачени за фасади и вплетени со гранките на дрвјата, во приградските кумановски населби често паѓаат или се искривени електричните столбови, а и напојувањето со електрична струја е недоволно за работа на електричните апарати. Не ретко во текот на деноноќието има прекини на струја. Граѓаните реагираат до надлежните во ЕВН, од што, како што велат, нема ефект, без оглед што сметките им се високи, а тие сепак редовно ги плаќаат.

Неодамна жителите од населбата Долно Којнаре и јавно се пожалија за овој нивен проблем, додавајќи дека поради несоодветно поставените електрични столбови, кои пак се многу стари и неодржувани, се чувствуваат небезбедно.

Видан Јакимовски вели дека струјата е многу слаба.

„Линијата е за никаде. Бандерите се дрвени и паѓаат. Кога сум роден во 1947 година, тогаш е поставена струјата поради Земјоделското училиште. Од тогаш досега ништо не е сменето. Еве бандерата паднала, ние јавуваме во Скопје, од таму во Куманово, доаѓа човек и вели дека шефот не дава да се направи. Каков е тој шеф“, вели Јакимовски.

Тој раскажува дека штом ќе дувне ветер снемува струја.

„Дувне малку и снема струја. Ние чекаме, ќе дојдат со една жичка ги расплетуваат жиците, но таа струја е многу слаба, не може ни телевизор, ниту нешто друго да се вклучи.“

Неговиот сосед Душко Ѓорѓиевски вели дека нема доволен напон за да вклучат два електрични апарати истовремено.

„Каков потрошувач е обичен фрижидер кој не може да се вклучи. За десет години два замрзнувачи имам сменето затоа што не можат да се вклучат да работат и им прегорува моторот. Згора на тоа плаќам до илјада и 800 денари. Каков потрошувач сум јас, само двајца сме со жена ми. Пегла, машина за перење алишта и рерната од шпоретот лете два пати месечно ги вклучуваме, а и клима не може да се вклучува. Нема напон“, вели тој.

„Невреме ако фати жиците само пукаат, искри летаат на сите страни, може пожар да избие. Петиција поднесувавме два-три пати и ништо не се презема, а редовни плаќачи сме“, вели тој.

Друг жител додава дека пред три месеци поднеле барање до ЕВН да се замени столбот и дрвото до него да се отстрани поради опасност.

„Од ЕВН дојдоа, врзаа сајли, а таа сајла и куче може ќе ја искине. И да нема невреме, овој багрем, оваа бандера може да падне и да повреди некој минувач“, вели тој.

Поради недоразбирање со ЕВН, жителите најавуваат дека ќе бараат помош и од други институции за надминување на овој проблем.

Додека во нормални земји електрификацијата се поставува со подземни кабли, во Куманово и околината сè уште се поставуваат висечки жици, се потпираат стари дрвени столбови, без оглед што сметките на потрошувачите се високи, а и тие редовно ги плаќаат, реагираат жителите.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG