Достапни линкови

Кога нема сообраќајна култура има „лежечки полицајци“


Улица во Куманово
Улица во Куманово

Кумановската опозиција обвинува за несоодветно поставени „лежечки полицајци“ на кои возачите се ги кршат колите. Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека тие се поставени на барање на локалното население, затоа што возачите не се придржуваат до сообраќајните правила. Сепак, најави дека ако има грешки, тие ќе бидат поправени.

Кумановци не можат да се пофалат со сообраќајна култура. Затоа за подобрување на сообраќајната безбедност во градот и околните населби по низа преземани мерки и загубени човечки животи на најфреквентните сообраќајници, во континуитет се поставуваат лежечки полицајци. Поради демонтирање од граѓаните или оштетување, се прибегна кон асфалтни типови лежечки полицајци, кои, пак, според повеќето возачи се непрактични.

Реакциите на возачите стасаа и до расправа на седница на општинскиот Совет, особено за „полицајците“ во приградските населби, каде пак, не ретко возачи, не само на автомобили, туку и на автобуси или товарни возила, не ја намалуваат брзината, туку „полицајците“ ги одбегнуваат со заобиколување и искачување на возилата на тротоар.

Советникот Драган Петковски од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ рече дека поради реакции од граѓаните бара одговор од градоначалникот за несоодветно поставените и необележаните „полицајци“ на Улицата 100 во населбата Карпош.

„Повеќето од поставените лежечки полицајци се поставени на несоодветни места и не одговараат на намената, ниту по начинот на поставување, ниту, пак, со означување со хоризонтална и вертикална сигнализација“, рече Петковски.

Тој појаснува дека во близина на градските училишта се поставени како што е пропишано.

„Меѓутоа на Улицата 100 во населбата Карпош имаме пример како не треба да бидат поставени. Таму на растојание на помалку од еден километар има поставено дури седум. Ниту едно од нив не одговара на барањата. Тоа создава револт кај возачите, бидејќи не се означени никако, во вечерните часови или кога е дожд не можат да бидат забележани. И не ретко се причина за дефекти кај возилата кои поминуваат по таа улица“, рече Петковски.

Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека голем дел од лежечките полицајци се поставувани на фреквентни сообраќајници на барање од месното население, кое поради непочитување на брзината при возење од поголем број возачи се чувствува небезбедно, како и поради повеќе сообраќајни несреќи на одредени места. Тој наведува дека лежечки полицајци има не само на Улицата 100 во населбата Карпош, туку и на улицата „Никола Тесла“, како и во селата Черкезе, Умин Дол, Љубодраг и Ново Село.

„Доколку секој во градот се држи до пропишаната брзина од 40 километри на час, а во деловите каде што има густо население и покрај училишта, 20 километри на час, не би имале потреба да поставуваме лежечки полицајци“, рече тој.

За непрописно изградените лежечки полицајци, Димитриевски вели дека најверојатно се изградени под притисок на месното население, за што се изработува елаборат и доколку се покаже дека не одговара начинот на поставување, тие ќе бидат коригирани.

„Додека на улицата 100 има голем број барања од жители на оваа населба, каде при реконструкција на улицата таа наликува на авионска писта, по која бројни несовесни возачи едноставно дивеат. Затоа, според мене, подобро е да се оштети некое возило, отколку да се изгуби човечки живот. Бидејќи на самата улица, без оглед што има сообраќајни знаци за забрането запирање и паркирање на тротоарите, сведоци сме дека се паркираат камиони, шлепери, автомобили. Најголем дел на живеалиштата се лоцирани токму покрај самата улица, па и учениците кога се движат, се принудени да одат по јавната прометна површина, бидејќи тротоарите се узурпирани. Така е и во вечерните часови кога младите излегуваат на корзо“, вели Димитриевски.

Тој додава дека и покрај тоа, ќе се изработи елаборат за легализирање и евентуална корекција на поставените лежечки полицајци. Според Димитриевски, секојдневно се настојува да се намали сообраќајниот метеж, а и безбедноста во сообраќајот да се зголеми.

Инаку, инфраструктурата со сообраќајниот капацитет на Куманово е за седум илјади патнички возила, а не за 27 илјади колку што засега има.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG