Достапни линкови

Химната на хуманизмот и човештвото во Македонска филхармонија


Маестро Густав Кун, диригент од Австрија

„Борба, надеж, победа“ е насловен симфониски концерт на Македонската филхармонија што ќе се одржи в петок, на 19 октомври, во 20 часот. Ќе биде изведена една од најмонументалните симфонии на сите времиња - Симфонија бр. 9 од класикот Лудвиг ван Бетовен.

Македонската филхармонија продолжува да ја испишува својата успешна приказна. Во релативно кратко време еве ја со уште еден грандиозен проект. Имено, „Борба, надеж, победа“ е насловен претстојниот симфониски концерт кој ќе се одржи овој петок, на 19 октомври во 20 часот и на кој, по петгодишна пауза, наново ќе биде изведена една од најмонументалните симфонии на сите времиња - Симфонија бр. 9 од класикот Лудвиг ван Бетовен. Со оркестарот на оваа наша национална институција ќе диригира маестро Густав Кун, еден од врвните австриски уметници кому ова е прво гостување во Македонија.

Во изведбата на делото, особено значаен ќе биде и придонесот на гостите солисти како сопранистката Софи Горделадзе од Грузија, тенорот Џорџ Винсент-Хамфри од САД, Михаел Купфер - бас-баритон од Германија и мецо-сопранистката Марта Лоти од Италија. Тука се филхармонискиот хор „Светослав Обретенов“ од соседна Бугарија и македонскиот хор „ПроАрс“, кој подготвуван од неговиот дириген Сашо Татарчевски настапи и на минатонеделниот концерт „Хармонија мунди“.

Софи Горделадзе, сопранистка од Грузија
Софи Горделадзе, сопранистка од Грузија

И, колку за потсетување уште од нејзината премиерна изведба во Виена, на 9 мај 1824 година, кога генијалниот Бетовен веќе бил потполно глув, диригирајќи без вистински контакт со музичарите поради што за малку бил избегнат дебакл, Симфонијата бр. 9 станува едно од круцијалните дела во музичката историја. „Деветтата“ не е само врвно достигнување на класицизмот и дело-водилка кон романтизмот, туку и супериорна композиција чии звуци се поистоветуваат со химна на човештвото и хуманизмот. Затоа ова дело е редовно присутно на концертните програми на бројни извикани оркестри во светот, а нејзиниот четврт став, „Ода на радоста“ во 1972 година е усвоен од страна на Советот на Европа и од 1986 година во Европската унија се користи како Химна на Европа.

Австрискиот диригент Густав Кун е основач, уметнички директор, шеф-диригент и сценски директор на Тиролскиот фестивал во Ерл, фестивал со богата програма од сферата на класичната музика и операта, каде што е и активен како уметник. Само во 2013 година, маестро Кун бил диригент и режисер на четири опери од Верди: „Риголето“, „Травијата“, „Трубадур“ и „Набуко“, а истата година ја диригирал и операта „Парсифал“ која доживеала огромен успех на музичкиот фестивал во Пекинг.

Повеќе од две децении тој е сосема посветен на диригирањето и на продуцирањето опери, создавајќи извонредна уметничка синтеза помеѓу музиката и сцената, а неговото име стои на голем број продукции, меѓу нив и на „Салома“, „Дон Карло“, „Отело“, „Боеми“, „Фалстаф“, изведби кои, како што ќе ги опише критиката, „го одземаат здивот“.

Во 1993 година ги разви сериите „Хал опера“ за Сантори Хол операта во Токио.

Згора на тоа Густав Кун е гостин-диригент и во Берлинската филхармонија, Израелскиот филхармониски оркестар, Лондонскиот филхармониски оркестар, Филхармонискиот оркестар на „Скала“, Националниот оркестар на Франција, Виенската филхармонија и во оперските куќи во Виена, Лондон, Париз, Милано и други.

Симфонискиот хор „Светислав Обретенов“ од Бугарија
Симфонискиот хор „Светислав Обретенов“ од Бугарија

Виктор Илиески, директорот на Македонската филхармонија, не го крие задоволството што на програмата ќе ја имаат бетовеновата Деветта симфонија и честа што во оваа пригода зад диригентскиот пулт ќе биде ценетиот маестро Густав Кун.

„Покрај тоа што во годините наназад програмата беше збогатена со одличен број на солисти настојував да имаме и големи, големи диригентски имиња коишто ќе дадат свој придонес во изведбата, а музичарите ќе имаат можност да соработуваат со светски диригент каков што во случајов се разбира е Густав Кун“, вели Илиевски.

Тој и со дополна дека е презадоволен од мотивацијата којашто ја имаат членовите на ансамблот кои за исклучително кратко време потпишуваат бележита серија на концерти, меѓу кои особено за почит беше и оној спектакл што по втор пат заеднички го сторија со големиот африкански музичар Феми Кути. Овојпат на фестивал во Белград, соседна Србија.

„Еве сега ги завршуваме и последните подготовки за претстојната турнеја по Шпанија што ќе биде реализирана од крајот на октомври и во првите денови на ноември. Од таму мислам дека моите колеги, филхармоничарите заслужуваат еден таков процес и една таква динамика, а се разбира го имаме потенцијалот во нашите редови и за уште поголеми успеси“, смета директорот на Македонската филхармонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG