Достапни линкови

Цинциевски во „Хармонија мунди“ на Македонска филхармонија


Ѓорги Цинциевски, македонски контрабасист и светски познат уметник
Ѓорги Цинциевски, македонски контрабасист и светски познат уметник

„Хармонија мунди“ е насловен симфонискиот концерт што на 12 октомври, под диригентство на маестро Емил Табаков, ќе го изведе Македонската филхармонија. На програмата се фантастичните „Планети“ од Густав Холст, а како солист во Концертот за контрабас и оркестар ќе свири Ѓорѓи Цинциевски.

Македонската филхармонија согласно времето во кое делува го продолжуваа својот незапирлив од кон културните височини. Следниот исклучително атрактивен настан што го потпишува оваа наша национална установа е насловен како „Хармонија мунди“ и е замислен како несекојдневен перформанс во кој фокусот по подолго време ќе биде ставен на најпознатото дело на англискиот композитор Густав Холст - „Планети“, кое во случајов по прв пат кај нас за збогатување на сетилата добива и видео придружба за која се погрижи Милчо Узунов од студио „3Д“. Конечно во изведбата на оваа свита за оркестар особено значајно е и присуството на хорот „ПроАрс“ подготвен од неговиот диригент Сашо Татарчевски.

Од друга страна, како солист на „Хармонија мунди“ и по прв пат пред македонската публика ќе се појави нашиот врвен контрабасист Ѓорѓи Цинциевски, за кого светската музичка критика нималку не ги штеди убавите зборови нарекувајќи го „музичар со одлични технички способности, со карактеристичен личен музички израз и силна експресивност“. Тој на ова долго пожелувано гостување пред своите ќе го свири Концертот за контрабас и оркестар од маестро Емил Табаков од Бугарија, а оваа вечер, в петок, на 12 октомври, ќе биде изведено уште едно мошне интересно и иновативно дело на омилениот диригент кај овдешните проследувачи - „Астрална музика“.

„Јас веќе подолго време живеам, работам и гостувам низ цел свет, а сега првпат ќе настапам во Скопје и воопшто во Македонија. Мојот последен настап, ако може да го броиме како настап беше во средношколските денови 1998-1999 година, или поточно пред скоро 20 години. Затоа немам зборови со кои би можел да ја искажам својата благодарност кон Македонската филхармонија за честа која ми ја укажаа со оваа покана. Се чувствувам среќно, возбудено, поласкано, но и крајно одговорно. Сепак, ќе настапувам поддржуван од колеги кои ги познавам и почитувам како одлични музичари и артисти. Дел од нив се мои некогашни соученици, а дел се и мои некогашни професори во средното музичко училиште. Огромен дел од мојата возбуда се должи и на фактот дека ќе се запознаам и работам со Маестро Табаков. Посебно сум среќен што голем дел од моето пошироко семејство, кое во текот на целата моја кариера ми дава безрезервна поддршка, за првпат ќе има можност да ме слушне како настапувам во живо“, ќе рече Цинциевски во пресрет на „Хармонија мунди“.

Маестро Емил Табаков, диригент и композитор од Бугарија
Маестро Емил Табаков, диригент и композитор од Бугарија

Уметникот со дополна дека ова е и негова прва средба и соработка со маестро Табаков, чиј базичен инструмент е токму контрабасот и згора на тоа важи за еден од најдобрите современи бугарски композитори во чиј опус спаѓаат и дела напишани токму за контрабас. Затоа Ѓорѓи знае да каже дека „тој за него претставува своевиден херој, заради целокупниот придонес кој го има во развојот и популаризација на контрабасот како инструмент преку своите дела“. Дека одлично го познава неговиот опус за контрабас и ги има отсвирено сите негови композиции, почнувајќи од најпознатите „Motivy“, па се до Соната за соло контрабас, Соната за виола и контрабас...

„Неговиот Концерт за контрабас и оркестар го изведувам за првпат, а искрено, тоа ми беше огромна желба уште од студентските денови кога за првпат ја слушнав снимката од големиот Енчо Радуканов, а диригиран од маестро Табаков. Оваа соработка со маестро Табаков, а и со Македонската филхармонија, ја гледам како големо достигнување во мојата досегашна кариера. Концертот за контрабас е предизвик за секој контрабасист солист во секоја смисла и навистина ми е чест што имам шанса да го свирам токму со самиот маестро Табаков како диригент“, вели Цинциевски.

И, кон ова само уште збор – два за неговиот животен и професионален пат.

Роден на 29 октомври 1981 година во Скопје, Ѓорѓи Цинциевски контрабасот започнал да го изучува како ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, во класата на професор Благој Маротов. Своето натамошно образование го продолжува на престижната висока музичка школа „Royal Northern College of Music“ во Манчестер, Велика Британија, во класата на професор Јиржи Худец, со што се стекнува со диплома за завршени додипломски и постдипломски студии со одличен успех. Откако ќе ја добие најпрестижната солистичка диплома (Distinction in Professional Performance) што ја нуди оваа институција, диплома со која се стекнале само шест контрабасисти во историјата на отворањето на овој колеџ, Цинциевски станува асистент професор по контрабас.

Досега соработувал со водечки светски музичари, меѓу кои и со Валериј Гергиев, Бернард Хајтинк, Курт Мазур, Фабио Луизи, сер Марк Елдер, Даглас Бојд, Џанандреја Носеда, Василиј Синајски, Едо де Варт, Брајан Шембри, Јутака Садо, Пласидо Доминго, Ана Нетребко, Пјер-Анри Ксуреб, Дејан Богдановиќ, Николај Знајдер, Лоренс Рене, Вејн Маршал и настапувал со некои од светски познатите оркестри како што се Филхармонијата на Би-Би-Си, Хале оркестарот, Радио-симфонискиот оркестар на Виена, Манчестер Камерата, Симфонискиот оркестар на Нортхерн, а гостувал и на видни фестивали во светот.

Покрај неговите работни обврски како водач на секцијата за контрабас во Малтешката филхармонија, Цинциевски е активен како солист и продолжува со образовната дејност. Досега одржал многубројни семинари, работилници и предавања во Велика Британија, Кина, Германија, Тајланд, Латвија, Куба, Сицилија, Полска и Малта. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал за контрабас во Малта, а пред четири години станува заштитен уметник – претставник на компанијата „Pirastro Strings“.

Неговата транскрипција на „Голдберг варијациите“ од Ј. С. Бах за виолина, виола и контрабас е прогласена за прва и единствена во светот, а наменета за овие инструменти, и ја има добиено наградата „Најдобра транскрипција“ на најпрестижното Европско биенале за контрабас (Double bass European Bienale) во Холандија, во 2014 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG