Зархона Балох е мајка на осум деца и кандидат за пратеник на парламентарни избори во Авганистан што треба да се одржат в сабота.
Дипломата по економија и поранешната работа во Програмата на Обединетите нации за човечки населби придонесоа триесет и пет годишната Балох да ја добие поддршката да стане кандидат за пратеник во јужната провинција Кандахар.
„Кандахар е конзервативно општество и жените традиционално одиграа многу слаба улога во политиката, но сега можам да видам дека луѓето се менуваат и денес размислуваат поинаку“, вели таа.
Еден од нејзините поддржувачи Абдул Хамид се согласува со тоа и вели:
„Според мое мислење, нема разлика меѓу машки кандидат и женски кандидат. Ќе прифатиме кој ќе работи за луѓето и ќе ги реши нашите проблеми. Ние ќе гласаме за таа личност“, вели тој.
Изборната кампања е проследена со многу ризици, без оглед на полот.
Петмина кандидати, сите мажи, беа убиени во одделни напади.
Уште двајца се киднапирани, а четворица други беа ранети од исламистички милитанти.
Но, за жените, постојат дополнителни предизвици.
Покрај сексуалното малтретирање, редовниот проблем што ретко се дискутира отворено поради строгите социјални табуа, многу жени пратеници се жалат и на тоа дека не биле сериозно сфатени од нивните машки колеги.
Сепак, некои се подготвени да се соочат со предизвикот.
26-годишната Мирјам Сама неодамна ја напушти работата како телевизиска водителка за да влезе во политиката.
„Ако победам, ќе создадам специјален судски комитет кој може да ги следи конкретните правни случаи за жените. Кога ќе ја видите ситуацијата на жените во Авганистан, ќе знаете дека навистина ни е потребен посебен фокус“, вели таа.
Зголемената вклученост на жените беше поздравена од Обединетите нации и од други меѓународни тела, кои сметаат дека изборите се важен чекор во градењето на довербата во демократските процеси.
Според уставот, напишан по строгото владеење на Талибанците, најмалку 68 од 250 места во долниот дом на парламентот се резервирани за жени.
Квотата значи дека Авганистан е подобар во бројот на женската застапеност во законодавниот дом отколку некои западни земји.
Сепак, застапниците на правата на жените велат дека и покрај големиот акцент на промовирање на еднаквоста од страна на меѓународните донатори, и натаму во Авганистан се раширени старите традиции како например „убиството за чест“.