Американскиот државен секретар Мајк Помпео на Твитер оцени дека двојниот самоубиствен напад во Кабул во кој загинаа 25 луѓе, вклучувајќи и деветмина новинари е „бесмислен и варварски чин“.
„Независните медиуми се камен темелник на демократијата“, напиша тој, додавајќи дека и покрај ваквите напади „живописниот медиумски пејсаж што се разви во Авганистан ќе издржи“.
Милитантите на Исламската држава ја презедоа одговорноста за нападот.
До него дојде само неколку денови по нападот на Исламската држава врз еден центар за регистрирање гласачи при што загинаа 60 луѓе.
Американскиот секретар за одбрана Џим Матис изјави дека ваквите напади се со цел да се минира изборниот процес во земјата пред парламентарните избори во октомври годинава.
„Нормална работа е за оние што не можат да победат на избори да користат бомби“, изјави Матис.
Убиствата се случија кога повеќемина новинари известуваа за самоубиствениот бомбашки напад во Шаш Дарак во Кабул.
Тогаш дојде до уште еден самоубиствен напад.
Шефот на кабулската полиција Мохамад Дауд Амин вчера изјави:
„Непријателот преправен како снимател го активирал експлозивот кај група новинари. Во експлозијата голем број новинари, минувачи и жители кои беа собрани на местото на настанот беа убиени и ранети“.
Меѓу убиените се и двајца новинари на Радио Слободна Европа, и една жена која наскоро требаше да биде дел од РСЕ.
„Каде што медиумите се во опасност, сите други човекови права се под голем ризик“, реагира американската амбасада во Кабул, додека командантот на американските и НАТО силите во Авганистан генерал Џон Николсон изјави дека ваквите напади само ја зацврстуваат посветеноста спрема народот на Авганистан.
„Оваа трагедија не постетува на опасноста со која нашите тимови постојано се соочуваат и на есенцијалната улога што новинарите ја имаат за демократијата“, оценија од новинската агенција Франс прес.
Авганистан е една од најопасните земји во светот за новинари. Само во минатата година таму беа убиени 20 новинари.