Достапни линкови

Чуму земјоделско производство, кога работниците немаат соодветна заштита


Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во здружението Достоинствен работник.

Според проценките на Меѓународната организација на трудот, околу 170.000 земјоделски работници умираат секоја година, пишува Рубинчо Аризанкоски во младинската онлајн колумна на РСЕ.

Поради нивната физичка и социјална изолација, работниците во земјоделството не се свесни за нивните права и заштита на работните места. Затоа, по повод Меѓународниот ден на достоинствената работа 7 -ми Октомври, оваа колумна им ја посветувам на работниците во земјоделскиот сектор во Македонија.

Тие не знаат која е нивната минимална плата, дали работодавачите им плаќаат придонеси за осигурување и социјална безбедност, кои барања се потребни за стапките на платеност по парче производ, или какви одбитоци од платата се законски. Тие никогаш не биле информирани за државните агенции за спроведување на законот, па затоа можат да претпостават дека ако поднесат жалба или тужба, ќе ги загубат работните места или нивната ангажираност.

Во Република Македонија, 40 проценти од непријавените земјоделски работници не знаат дали се опфатени со работнички надоместок за повреди или други незгоди на работното место. Работниците исто така имаат недостаток од информации за тоа како да ги сменат нивните работодавачи, или како да најдат нови работни места. Имателите на работни дозволи можеби никогаш не биле информирани за тоа што треба да направат ако сакаат да се жалат во врска со некој работодавач кој ги злоупотребува работниците. Земјоделските работници често немаат потпишано работни договори, што значи дека тие всушност не ги знаат условите под кои се вработени или ангажирани. Долгите синџири на кооперанти значат дека работниците не знаат кои се всушност нивните вистински работодавачи.

Работните услови во земјоделството може значително да се подобрат на изводлив и рентабилен начин преку мерки за безбедност и здравје. Инвестирањето во безбедноста и здравјето при работа исто така обезбедува поголема работна продуктивност и поздрави работни односи. Усвојувањето на соодветна трудова легислатива и мерки за социјална заштита претставуваат голем чекор во таа насока.

Според бројот на несреќи на работа, Македонија се наоѓа во групата заедно со земјите од Африка. Од страна на граѓанските организации се потенцира дека најзагрозени и најопасни професии со највисок степен на смртност се градежништвото, полицијата, транспортните дејности, земјоделството, па и новинарството. Црната статистика во земјоделството опстојува со децении, но и покрај тоа што се уште не се креира превентивна култура се констатира дека 90 проценти од работниците во овој сектор не знаат дека постои Закон за безбедност и здравје при работа (БЗР).

Земјоделството е еден од трите најопасни сектори на дејствување, во индустријализираните земји и земјите во развој. Според проценките на Меѓународната организација на трудот, околу 170.000 земјоделски работници умираат секоја година. Ова значи дека работниците во земјоделството имаат барем двојно поголем ризик од смрт на работното место во споредба со работниците во другите сектори.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, на територијата на Македонија во сообраќајни незгоди случени со трактор и земјоделска механизација во период од пет години (2013-2018) настрадале вкупно 230 лица, од нив 31 лице загинале (по десет возачи на трактори и патници), а повредени биле 199 лица (од нив 110 се возачи на трактори, додека останатите се патници).

Здружението Достоинствен работник од неодамна го стартуваше проектот „Превентивна култура за безбедност и здравје при работа кај земјоделците во општина Прилеп и пелагонискиот регион“ со финансиска поддршка од Европската унија преку грантова шема на Македонско здружение за заштита при работа. Целта на проектот е подобрување на стандардите за безбедност и здравје при работа и подигање на свеста на земјоделците од Пелагонискиот регион. Проектните активности се предвидуваат преку реализирање на три видео стории, креирање на документ за јавна политика од областа на БЗР во земјоделскиот сектор, обуки и дистрибуција на промотивен материјал. Резултати од проектот е да се воспостави поактивна соработка и комуникација помеѓу Министерството за земјоделство, трудовиот инспекторат, и други чинители во унапредување на безбедноста на работниците во земјоделскиот сектор и зајакнати капацитети на работниците за БЗР на работно место во пелагонискиот регион.

Според најновите проценки на Меѓународната организација на трудот, најмалку 250 милиони деца на возраст помеѓу 5 и 14 години работат во земјите во развој. Речиси половина од нив работат полно работно време. Стапките на учество на деца во економските активности се повисоки во руралните области отколку во урбаните центри. Руралните деца, особено девојчињата, започнуваат со работа на рана возраст.

Затоа, почитувани работници во земјоделскиот сектор потребно е да соработувате и да си верувате, но и да има меѓусебна солидарност и активно вклучување во синдикални организации, земјоделски задруги, и слично со цел заеднички интерес при набавка на материјали, продажба, едукација, лобирање, и друго.

Време е, заеднички да ги решаваме проблемите!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG