Достапни линкови

Осуди за говор на омраза против Бачев и Чилиманов


Говорот на омраза поминува неказнето, затоа тој постојано се практикува, велат упатените, коментирајќи го соопштението на Единствена Македонија и твитот на новинарот Цветин Чилиманов. Тие ги повикуваат МВР и Oбвинителството да ги санкционираат таквите појави.

Референдумот освен несогласувања и меѓусебни расправии донесе и повици за насилство и говор на омраза, не само од граѓани, туку и од политичари и од новинари.

Партијата Единствена Македонија чиј лидер е Јанко Бачев соопшти дека доколку било кој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се согласи на промена на Уставот и бришење на вековното македонско име, во такво случај тие нема да успеат да стигнат ниту до државната граница при нивниот обид за бегство од Македонија. Новинарот Цветин Чилиманов од МИА упати заканувачки твит до дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска вели дека и Бачев и Чилиманов се веќе познати во јавноста за нивниот говор на омраза и повици за ширење на насилство.

Сè се сведува на тоа дека таквите личности во јавниот живот продолжуваат тоа да го прават од проста причина што кај нас се виде дека говорот на омраза поминува неказнето. Се останува во рацете на Jавното обвинителство кое што крајно неажурно постапува во овие случаи и срамота е што во Република Македонија има толку голем процент на случаи на говор на омраза, а нема ниту една пресуда за говор на омраза“, вели Пировска.

Хелсиншкиот комитет доставил претставка до МВР за Чилиманов, а тоа ќе го направи и за партијата на Бачев. Но, како што наведува Пировска, и покрај надежите дека Oбвинителството ќе преземе нешто во врска со таквите случаи очигледно е оти ништо не се менува.

ОБСЕ го осуди твитот на Чилиманов, кој според организацијата е срамен и неприфатлив и наведоа дека сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. МИА во целост се огради од неговиот твит.

Комуникологот Сефер Тахири посочува дека во медиумите има новинари кои ја злоупотребуваат професијата, како во случајот со Чилиманов и добро е што тоа наишло на осуда.

Во иднина институциите, односно МВР и Jавното обвинителство треба да бидат со поотворени очи и да ги санкционираат ваквите појави, бидејќи за да бидеме нормално општество повиците за насилство треба да престанат и само на тој начин Македонија може да покаже дека е цивилизирано општество“, смета Тахири.

Од ЗНМ, ССНМ и СЕММ го осудија повикот за насилство на Чилиманов и оценуваат дека таквите примитивни закани не се вперени само против Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси.

Повикувањето на насилство претставува тешко прекршување на новинарските стандарди и ја нарушува новинарската солидарност. Со вакви непримерни испади се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да негува толеранцијата и меѓусебното разбирање“, се наведува во соопштението.

Воедно ги повикуваат македонските институции веднаш да го истражат случајот и да го повикаат на одговорност Чилиманов. Ги контактиравме и МАН, бидејќи Чилиманов е потпретседател на асоцијацијата, при што ни соопштија дека ќе не известат дали ќе излезат со реакција.

Од Јавното обвинителство на Република Македонија велат дека ги следат сите информации и дека ќе постапат секаде каде што ќе биде утврдено дека постојат елементи на сторено кривично дело.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG