Достапни линкови

Речникот на политичарите – одраз на некултура или поттикнување тензии?


Активисти на Хелсиншкиот комитет поставија „Ѕид на срамот“ со примери на говор на омраза во медиумите и на личности

Аналитичарите со загриженост укажуваат на тоа каков јазик користат партиите кога меѓусебно се обвинуваат за погрешните политики. Тие посочуваат дека речникот кој е присутен во партиските соопштенија се одразува кај граѓаните и генерира тензии во секојдневниот живот и на социјалните мрежи

Во време кога Македонија се наоѓа во чувствителен политички момент и се решава историското прашање со кое државата ќе влезе во НАТО и ЕУ, политичарите, водени од мотивот за добивање симпатизери, употребуваат речник кој содржи нетолеранција и омраза, велат аналитичарите.

Тие посочуваат дека стилот и јазикот кој е присутен во соопштенијата со кои тие преку медиумите ѝ се обраќаат на јавноста, како ехо одекнува во говорот на граѓаните и иницира тензии во секојдневието, а тоа се рефлектира и на протестите и на социјалните мрежи.

Анализата утврдува речиси идентична матрица врз основа на која партиите разменуваат меѓусебни обвинувања. Во соопштенијата на политичарите во последно време се забележува речник кој излегува надвор од политичката култура и воспитување и оти тие имаат цел меѓусебно да се оцрнат.

Комуникологот Климе Бабунски вели дека во секојдневните обраќања и на опозицијата и на власта заеднички именител е оцрнување на противникот без аргументација, со речник кој излегува надвор од политичката култура и етика.

„Не случајно во секојдневните препукувања се присутни зборови од типот предавник и криминалец, поретко сме сведоци на аргументирана расправа. Целта е краткорочно и брзо да се постигне ефект и се оди по линија на помал отпор. Една посериозна анализа ќе покаже дека соопштенијата не го расветлуваат проблемот, туку го оцрнуваат противникот. Сè уште е актуелно обраќањето до граѓаните дека „не треба да седат дома по влечки, туку да ја спасуваат татковината“, иако оние што примаат плата за да ја унапредат состојбата во татковината многу малку прават за тоа“, вели Бабунски.

И професор Сефер Тахири вели дека партиите употребуваат речник кој содржи нетолеранција и оти тие се водени од мотивите за придобивање симпатизери кај граѓаните кои ќе „јуришаат“ за нивни цели. Тој нагласува дека говорот на омраза е кривично дело кое треба да го утврдуваат институциите и да го санкционираат.

„Во последно време кај политичарите се насетува говор кој за жал содржи и говор на омраза врз политичка или друга основа. Политичките партии треба да бидат повоздржани при употреба на зборот, бидејќи знаеме дека од современата ситуација на Македонија некогаш вербалните пораки придонесувале за вжештување на ситуацијата и за конфликтни моменти меѓу разни навивачки групи и други групации кои се судирале. Настаните од Калe ни се свежи“, изјави Тахири.

Аналитичарите со загриженост укажуваат дека сите институции кои се одговорни треба да се вразумат во решавање на проблемот на присутност на говорот на омраза поради значајната улога која ја имаат политичарите заедно со медиумите.

Бабунски вели дека и медиумите се лош посредник, односно се непрофесионални во пренесување на комуникацијата на политичарите со граѓаните.

„Она што може да го видиме како јазик, стил и речник на политичките партии во соопштенија и говори е само одраз на за жал ниска политичка култура, па сè до проблематично домашно воспитување. Не се сеќавам дека медиум покажал поголема професионалност, наспроти таквата политичка комуникација од партиите или напишал дека тој дел од соопштението поради ширење на омраза нема да го цитира“, вели Бабунски.

Освен подигање на свеста за проблемот со говорот на омраза потребни се и ефикасни решенија за казнување, заклучуваат стручните лица.

„Проблемот е систематски кај сите што треба да се вразумат и многу повеќе кај тие што треба да го дисциплинираат секој кој учествува на јавната сцена, пропорционално со одговорноста што се има. Одговорноста на обичен граѓанин не може да е иста со друг субјект. Се прашувам дали сме на почетокот или во пред-фаза кога ги согледуваме проблемите и бавно утврдуваме терапии“, вели Бабунски.

Деновиве може да се прочитаат соопштенија во кои меѓу другото се вели дека „СДСМ и Зоран Заев Коте“ ја брише македонската историја, или дека македонската жица на Заев била направена од свила. Претседателот Ѓорге Иванов, пак, во партиските соопштенија е метафора за политичка дивоградба. Овие примери се едни во низата кои со години се присутни во речникот на партиите што го користат во соопштенијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG