Достапни линкови

„Замисли иднина заедно“- ЕУ кампања во Македонија


Под мотото „Замисли иднина заедно“ ЕУ започна кампањата која од денеска па во текот на септември ќе ја води во различни општини низ Македонија. Кампањата е можност граѓаните да се запознаат со европските вредности и предности од зачленувањето во европското семејство, изјавија претставниците на ЕУ.

Целта на кампањата е да се поддржат различни локални процеси и проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните. Објаснувајќи ја кампањата, евроамбасадорот Самуел Жбогар потсети дека во изминатите години Европската Унија потрошила една милијарда европски пари за различни проекти и процеси во Македонија кои биле насочени кон подобрување на животот на граѓаните.

„Нашата цел е да слушаме и да ги разбереме вашите грижи во врска со процесот на ЕУ. Сакаме да ги споделиме придобивките од тоа да се биде земја членка, да се биде еднаков дел од пошироко семејство, од тоа јазикот на Блаже Конески, Матеја Матевски и Лидија Димоска да стане официјален јазик на ЕУ, преведен како никогаш порано. Да бидеме сведоци на посилен интерес за вашата култура, јазик и идентитетот кој ќе резултира со зајакната самодоверба како нација“, рече Жбогар.

ЕУ кампања за заедничка иднина
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

Според претставниците на ЕУ, оваа кампања е начин да се посака добредојде за Македонија и своевидна демонстрација на тоа дека Унијата сака ја види земјата како се движи напред.

Генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на ЕК, Кристијан Даниелсон го поздрави договорот од Преспа, истакнувајќи дека неговото усвојување ја отвора патеката кон ЕУ членство и служи како пример во регионот и Европа оти сепак е можно да се најде решение за тешките прашања.

„На 30 септември граѓаните тука ќе направат избор и ќе ја обликуваат иднината на оваа земја. Тој ќе има последици за идните генерации и наша молба до сите е да го искористите вашето демократско право и да гласате. Тоа е уникатна можност да го обликувате општеството во кое вие сакате да живеете и да ги видите вашите семејства просперитетни“, изјави Даниелсон.

Премиерот Зоран Заев од граѓаните побара мудрост пред, како што рече, најдобриот избор, истакнувајќи дека референдумот е последниот чекор кон изградба на државата според европски правила. Тој вети дека владата ќе води пријатна, мобилизирачка и едукативна кампања.

„Прво огромен процент од граѓаните се за. И впрочем и тие што се против се со минорни бројки и тоа е дел од кампањата предводена од Бојкотирам. Јас се надевам дека и опозицијата ќе биде позитивна зошто и таа е за ЕУ и НАТО. Јас ги разбирам нивните несогласувања со договорот со Грција, но уште еднаш уверувам дека ако оставевме на времето никој не гарантира дека ќе постигневме подобар договор, а договорот е фер и праведен", изјави Заев.

Тој истакна дека бројките за поддршка на референдумот ќе растат, а дека цензусот на референдумот останува главна амбиција на власта. Тоа значи дека во согласност со актуелниот избирачки список најмалку 903 000 лица треба да излезат на референдумот, за истиот да се смета за успешен.

Премиерот потсети дека од целосниот буџет од 1,28 милјарди долари кои ЕУ ги издвоила за Македонија за претпристапниот период од 2007-2020 година, вкупната ЕУ помош годишно изнесува 90 милиони евра или 260 000 евра дневно. Парите на ЕУ фондовите се трошат за проекти во инфраструктура, безбедноста, земјоделството, реформи во судството и борбата против коруцијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG