Достапни линкови

МАНУ: Идентитетските прашања се успешно решени


Научна расправа за референдумот во МАНУ
Научна расправа за референдумот во МАНУ

Со потпишувањето на Договорот со Грција се отвораат европските перспективи кои значат и економски просперитет, изјави претседателот на МАНУ, Таки Фити, на научната конференција на оваа тема во Академијата. Премиерот Заев изјави дека Македонија го потврди и зајакна својот идентитет.

Во Македонската академија на науки и уметности има различни мислења и спротивставувања и несогласувања со дел од решенијата на Договорот со Грција, изјави претседателот на Академијата, Таки Фити, но тој нагласи дека за него и голем број членови на Академијата суштинска придобивка од договорот е што идентитетските прашања како јазикот, националноста и посебноста се дефинитивно решени и зацврстени.

Осврнувајќи се на тоа што во изминатиот период ставот на МАНУ во врска со проблемот за името беше дека треба да се прифати географска одредница само за меѓународна употреба, академик Фити рече дека тие биле свени дека компромисот ќе се постигне само доколку некоја страна нешто даде, а нешто изгуби. Тој дополни дека прашање што ја засега МАНУ е одредбата од Договорот која имплицира и промена на името на оваа институција, но оти во наредниот период МАНУ ќе изврши консултации со правни експерти за да се види дали Договорот остава простор за пофлексибилно толкување на оваа одредба.

„Но ова не ја намалува валидноста на нашата констатација и убеденоста дека идентитетските прашања се дефинитивно успешно решени. Се разбира ние немавме илузија дека сите наши барања и аргументи ќе бидат прифатени од другата страна. Напротив бевме свесни дека Договорот ќе претставува нужен компромис. Оттука природно е во Академијата да има спротивставени гледишта“, изјави претседателот на МАНУ, Таки Фити.

На расправата за спогодбата од Преспа која во МАНУ ќе продолжи и во наредните денови Фити потенцираше дека легитимитетот и кредибилитетот на различните мислења ќе биде сметан како валиден само ако тие се добро аргументирани и проследени со предлози за алтернативни решенија.

Тој зборувајќи и за придобивките кои земјата ќе ги има од НАТО и ЕУ, рече дека покрај тоа што Алијансата испорачува сигурност и безбедност истовремено испорачува и економски бенефит, владеењето на правото и оти сигурноста е добар сигнал за странските инвеститори. Сите статистички показатели покажуваат дека со влегувањето во НАТО во земјите членки странските инвестиции значајно се зголемуваат. Во Естонија, на пример, пред влезот имало 960 милиони евра, а неколку години по влезот овие бројки изнесуваат 3 милијарди – рече Фити.

Премерот Зоран Заев кој присуствуваше на дебатата изјави дека расправата на оваа тема е добра иницијатива со оглед дека се одржува на двесетина дена пред референдумот на 30-ти септември и ќе им овозможи на граѓаните да слушнат мислења од академиците.

Заев рече дека Договорот е добар и ги потврдува идентитетските прашања и ја гарантира иднината. Премиерот истакна дека Македонија нема веќе отворени прашања со соседите, а со Договорот со Грција, Македонија го потврдува и зајакна својот идентитет.

Тој упати апел до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и сите оние кои ќе се изјаснат против или ќе го бојкотираат референдумот да ги преоценат своите ставови и да ја согледаат историската шанса која што се отвора со Договорот.

Добивме кристална и недвосмислена употреба за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Како дома, така и во странство. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Подобра заштита на македонскиот јазик и кириличното писмо не може да се замисли од оваа меѓународна верификација и тоа еднаш засекогаш. Нашиот став е дека ќе бидеме свои на своето и рамноправен членки на НАТО и ЕУ“, изјави премиерот Заев пред присутните учесници во првиот дел од расправата насловен како „Меѓународен и политички контекст и значење на Спогодбата“.

Заев истакна дека од држава со многу проблеми и лоши односи со соседите сега на Македонија гледаат како на позитивен пример – модел што другите сакаат да го следат, додавајќи оти се затворени сите отворени прашања и дека немаме други спорови со соседите или со други држави.

Истакна дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за Договорот на референдум.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, изјави дека е свесен оти станува збор за многу тежок компромис, но дополни дека нема подобар Договор од оној кој е постигнат во Преспа. Тој оцени дека ова е историски момент и оти решено е прашањето кое ја блокираше иднината на Македонија во НАТО и ЕУ.

Според него, важно е граѓаните да го дадат својот глас на референдумот, бидејќи ако не го сторат тоа, нема да го дадат своето мислење и ќе бидат збунети, ќе бидат под влијание на различни наративи, а тоа, вели, нема да и помогне на земјата да оди напред.

„Луѓето имаат различни мислења за договорот, но ова што го правите сега е историски момент. Македонија и нејзините соседи има проблеми. Она што се менува со членството во НАТО е што не сте само соседи кои се обидуваат да се сложуваат туку сте сојузници и имате дадено заложба дека ќе го чувате интегритетот на вашите сојузници. Тоа е голема промена затоа е битно да го зграбите моментот и да сфатите со што се соочувате. Тоа значи гарантиран суверенитет и безбедна нација, а токму на ова се надеваа македонските граѓани. И ова е спогодба за која граѓаните ќе го дадат својот глас на 30 септември. Ќе биде нивен договор, а не само на политичките лидери и, тие ќе треба да одлучат, да или не“, изјави амбасадорот Бејли.

На расправата во МАНУ присуствуваше и првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, кој во пресрет на референдумот во септември рече дека круцијално прашање е што се појавува поделеност меѓу македонскиот народ.

„Таа поделба е опасна и е одраз на политика на изолација од западните вредности. Таа политика на изолација од западните вредности ја промовира претседателот Иванов подолг период. Сакам да им обрнам внимание на луѓето од опозицијата, пред сè ВМРО-ДПМНЕ кои се млади да не ја голтнат јадицата на курсот на изолација од западните вредности“, изјави Андов.

Во исто време додека внатре во Академијата се одржуваше расправата за Договорот со Грција неколку граѓански здруженија излегоа на протест пред зградата на МАНУ за да го искажат своето незадоволство од договорот со Грција.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG