Достапни линкови

Косово и Србија да го следат примерот на Македонија и Грција


Интервју со Рон Џонсон, американски републикански сенатор за РСЕ.

Американскиот сенатор Рон Џонсон, кој е претседател на Комитетот за внатрешна безбедност, по посетата на Македонија замина за Косово и Србија. Во Белград тој даде интервју за Радио Слободна Европа, во кое меѓу другото порача дека Приштина и Белград треба да го следат примерот на Македонија и Грција во решавање на меѓусебниот спор.

Грција и Македонија имаат реална шанса да го решат спорот за името на државата кој трае 27 години, изјави во интервјуто за Радио Слободна Европа Рон Џонсон, американски републикански сенатор и претседател на Комитетот за внатрешна безбедност. Сметам дека двете земји имаат многу одважни премиери кои согледуваат што е во интерес на народот. Во врска со очекувањата од претстојниот референдум во Македонија, Џонсон вели:

„Бев охрабрен од текот на разговорот со премиерот Заев, како и со опозициските лидери, односно не баш со лидерите, туку со претставници на опозициските партии во парламентот. Тие ги охрабруваат луѓето во Македонија да излезат на референдумот и да ја изразат својата волја и на тој начин да им соопштат на своите лидери што е она што тие го мислат за Договорот. И тоа е нешто што јас секако го поздравувам. Имате право на глас, би било штета да не го искористите тоа свое право. Постои уверување дека референдумот ќе помине, се надеваме дека нема да има бојкот и дека на гласачките места ќе излезат голем број гласачи. Тоа би било одлично“, вели Џонсон.

Тој во интервјуто посебно им се обраќа на луѓето во Македонија и Грција кои се противат на Договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Пред сè, додава Џонсон, кога протестирате вие искажувате свое право како слободен човек и тоа е добро.

Многу често, откако сум во политиката, кога решението не е популарно на двете страни, можеби токму тоа е знак дека сте го нашле вистинското место за постигнување решение. Затоа би сакал да ја пофалам политичката храброст на двајцата премиери кои постигнаа договор за нешто за кое знаеја дека нема да биде популарно меѓу луѓето во Грција и во Македонија. Навистина имам чувство дека некогаш, ако овој Договор биде ратификуван, народот во Грција и во Македонија ќе сфати дека тоа било исправна работа“, вели Џонсон, кој додава дека Косово и Србија треба да се угледаат на Македонија и Грција и да го искористат овој пример во решавање на нивниот многугодишен спор. Ова е моментот за воспоставување на стабилност, поголем мир и просперитет.

Сенаторот Џонсон во неделата престојуваше и во Македонија и по средбата со премиерот Заев изјави дека дошол за да даде охрабрување и поддршка на целиот процес, од решавањето на спорот за името до конечното интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО. Тој ги охрабри сите македонски граѓани да го искористат своето право и да гласаат на референдумот што ќе се одржи на 30 септември.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG