Достапни линкови

Тачи и натаму е за размена на територии со Србија


Тачи: ќе работам на договор за размена на територии со Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Тачи: ќе работам на договор за размена на територии со Србија

Косовскиот претседател Хашим Тачи вети дека ќе ги продолжи напорите за постигнување договор за размена на територии со Србија. Тој ова го изјави по средбата во Приштина со претставници на етничките Албанци од српските општини Прешево, Бујановац и Медвеѓа.

Претседателот Тачи, најавувајќи резолуција за поддршка на идејата Прешево, Медвеѓа и Бујановац да се обединат со Република Косово изјави:

Не можам да им ветам или гарантирам на луѓето од Прешево, Медвеѓа и Бујановац обединување со Косово, но можам да ве уверам и да ви гарантирам дека ќе работам напорно за да го постигнам тоа“, изјави Тачи.

Предлогот за размена на територии кој лебдеше меѓу Белград и Приштина, беше затемнет откако во петокот во Брисел не дојде до директна средба меѓу Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ.

За време на викендот пак, имаше тензии на Косово откако Вучиќ се обиде да посети некои српски села при што беше спречен од локалното албанско население.

Коментирајќи ја оваа посета, Тачи изјави:

Вчера слушнавме зборови за мир, разбирање, пријателство и потреба за дијалог со Албанците. Во исто време слушнавме комплименти за „месарот на Балканот“, човекот кој е одговорен за геноцид во Косово, Босна и за војните во Словенија и Хрватска, Слободан Милошевиќ. Не мислам дека овие две работи одат заедно“, изјави Тачи.

Српскиот претседател Вучиќ, ветувајќи дека ќе ги продолжи разговорите со косовските власти за решавање на разликите, предупреди дека ќе треба уште многу време за да се постигне сеопфатен договор со Приштина, кој би им овозможил на двете земји да се движат кон членство во Европската унија.

Ќе продолжам да разговарам за секогаш да изборам најмногу што е можно за својот народ и да загубиме најмалку што мораме. Како ќе тече тоа во иднина? Долг пат е пред нас. Многу, многу трње и многу многу проблеми“.

Договорот за размена на територии ќе и овозможи на Србија да ја задржи контролата врз северните делови на Косово, главно населени со Срби.

За возврат, Белград ќе му ги предаде на Косово јужните општини, главно населени со етнички Албанци.

Иако некои официјални претставници на Европската унија и Соединетите Држави велат дека се отворени за предлогот, Германија и повеќето аналитичари го отфрлија поради тоа што тој би можело да ги заживее старите непријателства на Балканот кои избувнаа за време на етничките војни во 1990-тите.

Србија ја загуби контролата над Косово во 1999 година, откако НАТО презеде акција за прекин на убивањето и протерувањето на Албанците од страна на српските сили за време на двегодишната војна против бунтовниците.

Косово прогласи независност во 2008 година која е призната од повеќе од 100 држави, но не од Русија и пет членки на ЕУ - Грција, Романија, Словачка, Шпанија и Кипар.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG