Достапни линкови

Идејата за прекројување на српско - косовската граница е закана за регионот?


Српско-косовска граница

Идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи за промена на границите меѓу неговата земја и Србија, според некои политичари и аналитичари во Тирана и во Скоје не е реална, a доколку се спроведе ќе има тешки последици по Балканот.

Размената на територии меѓу Србија и Косово би била опасна за целиот регион, но упатените во прашањето од Албанија и Македонија не очекуваат тоа да стане реалност.

На идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи отворено се спротистави и премиерот Рамуш Харадинај кој изјави дека договорот меѓу Косово и Србија не смее да доведе до поместување на границите. Според Харадинај, сите треба да се согласат дека треба да дојде до дијалог и да се постигне договор, но без промена на границите.

Професорот по политички науки и меѓународни односи и декан на факултетот Епока во Тирана, Лисен Башкурти , во изјава за РСЕ вели дека идејата воопшто не е реална.

Идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово не е реална, не е праведна и сериозно претставува закана за регионот. Оваа идеја е само почеток, но крајот никој не може да го предвиди, како и штитите кои може да бидат предизвикани во иднина. Оваа идеја не е добра зошто земјите од регионот имаат потреба да се консолидира мирот, а мирот не може да се консолидира со прекројување на границите“, вели Башкурти.

Пратеничката од владејачката Социјалистичка партија на Албанија и поранешна министерка за одбрана, Мими Кодели во интервју за РСЕ изјави дека смета оти нема прашања кои не може да се решат, туку само има неспособни политичари. Според неа, потребен е дијалог за сите отворени прашања кој ќе биде предводен од соодветни луѓе кои сакаат да најдат заедничко решение.

Ние тука треба да ги решаваме работите со што помала цена за на крајот од денот, како што се вели во јазикот на бизнисот, да имаме една вин-вин ситуација. Значи една ситуација каде што сите ќе излезат победници на некој начин. Значи дали треба да се седне и да се разговара и да се попушти за нешто за да се добие нешто друго. Сигурно да. Зошто ако сите бидеме заробени во нашите ровови немаше да има преговори и нема за што да седнеме на маса. Јас се залагам бескрајно да се дискутира за да на крај се постигне целта“, смета Кодели.

Македонија и идејата за прекројување на косовската граница

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека промената на границите би имала тешки последици.

„Тешко дека тој процес може со мирни средства да се контролира и да се менаџира, затоа што ќе има секогаш незадоволни кои ќе им бидат скратени одредени права. Дали тоа ќе бидат тоа некое малцинство, дали незадоволни до границите што ќе се дефинираат. Во секој случај иако има индиции дека за тоа се разговара, но се надевам дека ќе преовлада разумот, бидејќи секоја промена на границите на Балканот ќе предизвика конфликт од пошироки размени“, вели Трајанов.

Косовска опозицијата поднесе барање за вонредна седница на која ќе се разговара за прашањето. Седницата треба да се одржи на 4 септември, три дена пред средбата на претседателите на Србија и на Косово во Брисел.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG