Достапни линкови

Прекројување на границите ќе го засили сепаратизмот на Балканот


Евентуална размената на територии меѓу Косово и Србија може да ги подгрее аспирациите на некои сили во Македонија кои се за поделба на земјата. Членството во НАТО, од друга страна, би значело стабилност за Македонија, сметаат експерти.

Евентуалното прекројување на границите меѓу Косово и Србија може да се прошири како вирус на Балканот, а тоа нема да донесе ништо добро, коментираат експерти откако актуелна стана темата за размена на Прешевската долина со северот на Косово.

Таквата идеја би ги подгреала аспирациите на некои сили во Македонија кои се за поделба на земјата, вели професорот на ФОН, Темелко Ристески.

„Прекројувањето на границите ќе доведе до нестабилност, до јакнење на аспирациите на сепаратистичките кругови, а со настојување на тој сепаратизам би била загрозена и Македонија, но се надевам до тоа нема да дојде и ќе се заврши само на една идеја“, вели професор Ристески.

Доколку бевме членка на НАТО, а Алијанската е стабилен сојуз кој води политика да спречи сè што би можело да ја наруши стабилноста, немаше да дојде до настојување за прекројување на гранците, вели Ристески.

„За жал, дел од балканските држави, меѓу кои и Македонија, не се членки на НАТО и можат да бидат изложени на многу негативни реперкусии. Ако почне тоа, како овој предлог на Тачи за прекројување на границите, тоа ќе биде како некој вирус кој може да се прошири на целиот Балкан, а со тоа и на Македонија“, вели тој.

Ристески, кој е и поранешен офицер, вели дека размената на територии не би ѝ одговарала на Србија, оти, како што вели, би бил загрозен Моравско-Вардарскиот правец, преку кој поминуваат најважните комуникации.

Сериозни реперкусии доколку земјата не влезе во ЕУ и НАТО

И американскиот аналитичар за Балканот Даниел Сервер, на неговиот блог Peacefare.net пишува дека идејата за корекцијата на границите е лоша и наведува повеќе причини за своето мислење. Што се однесува до прашањето како корекцијата би се одразила врз Македонија тој пишува дека би се зголемила поддршката на Албанците во Македонија, кои сакаат да се приклучат кон Голема Албанија, што потенцијално би довело до дестабилизација на Македонија.

Неодамна македонски власти и аналитичари кои се занимаваат со членството во НАТО изјавија дека ако договорот со Грција не успее, и земјата не стана членка на ЕУ и НАТО, тоа ќе има сериозни реперкусии.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, пред две недели, коментирајќи ги шпекулациите за прекројување на границите меѓу Косово и Србија, изјави дека референдумот за Преспанскиот договор мора да биде успешен или Македонија ќе настрада во регионалните вртлози.

„Сите знаат дека ако се оди на поделба на Косово, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, чија бројка во Македонија е значајна и, ако северот на Косово во такви некакви планови се припои кон Србија, јас не можам да видам како албанскиот фактор во Македонија не би го поставил повторно прашањето на границите на Македонија“, вели Пендаровски.

Претседателот на Северноатлантскиот совет Исмет Рамадани, кој е и советник на премиерот, неодамна во телевизиско интервју рече дека Албанците ќе бидат коректни во целиот процес за Договорот со Грција, но ако договорот не успее и ако ги загубиме сите шанси за НАТО и ЕУ, тогаш не гарантира за коректноста на Албанците во нивното однесување понатаму.

Ако не успее овој договор се ставаме на крстопат каде сосема нешто друго може да се случи што воопшто нема врска со демократските и евроатланските процеси. Затоа што ние друг сојуз немаме“, изјави Рамадани.

Прекројувањето на границите го актуализираше косовскиот претседател Хашим Тачи. Тачи рече дека ако „корекцијата на границите“ помине мирно и со договор, не гледа зошто тоа би предизвикало дестабилизација или домино ефект. Потоа српските власти одржаа состанок на Советот за национална безбедност, по што Армијата ја подигна готовноста. Српските власти повикаа косовските Срби да не потпаѓа на провокации и дезинформации.

Косовските власти соопштија дека ситуацијата во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, е мирна и стабилна и дека немаат индиции дека може да има некаква дестабилизација или било какви безредија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG