Достапни линкови

„Неизговорени гласови“ за надминување на предрасудите на Балканот


„Неизговорени гласови“ е насловена претставата што во рамките на меѓународен копродукциски проект ја подготвија младите од Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија. Премиерната изведба во земјава е закажана за в петок, на 7 септември, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а целта на проектот е преку соочување на различни вистини да се придонесе за подобро разбирање на младите од различни делови на Западниот Балкан.

„Неизговорени гласови“ е насловен меѓународниот проект кој како партнери заеднички го потпишуват ЦЕКОМ театар од Зрењанин – Србија, ДИС театар од Бања Лука, Мостарскиот театар на младите од Босна и Херцеговина и Театарска младина на Македонија. Во негови рамки во изминатиов период било реализирано истражување при што биле изработени повеќе интервјуа со конкретни прашања кои се однесуваат на предрасудите на младите луѓе поврзани со ставовите на припадниците на другите народи од опкружувањето во кое живеат.

Од добиениот материјал е подготвена театарска претстава во која како учесници и уметнички соработници учествуваат претставници на сите четири театарски организации.

Идејата е на овој начин преку соочување на различни вистини да се придонесе за подобро разбирање на младите од различни делови на Западниот Балкан. Да се воспостави слободна и отворена комуникација помеѓу нив без разлика на тоа што им припаѓаат на различни етнички групи, поттикнувајќи ја притоа нивната креативност и развивајќи повисоки естетски критериуми.

Всушност, според основната идеја, презентирањето на различни болни, тешки и трауматични лични приказни со уметнички средства има за цел да придонесе во соочувањето со минатото на широк круг на граѓани во регионот за подобра меѓусебна комуникација, разбирање и соработка.

„Ние како организации направивме длабинско истражување врз основа на конкретно прецизирани прашалници на тема „Предрасудите и стереотипите поеѓу младите и нивното размислување во регионот и на кој начин тие влијаат“. На кој начин е потребно младите да ги надминат овие стереотипи. Во еден интензивен и креативен процес на работа, преку театарски методи, анализа, драма, во изминативе повеќе од дваесеттина дена направена е театарска претстава која трае еден час и е извонредно интересна. Убав спој на два сегменти – помеѓу театарот на движењата од една и говорниот театар од друга страна“, вели д-р Нелко Нелковски од Театарска младина на Македонија.

Тој заедно со Сеат Џулиќ, Душан Калејски и Огнен Богдановиќ го сочинува авторскиот тим на овој проект, а во „Неизговорени гласови“ играат Марија Јовчевска, Неда Ковач, Надежда Секулиќ, Бојана Штрбац, Харис Хабибија, Сабахудин Балавац, Лазар Нелковски и Раде Костиќ.

„Навистина е прекрасно да се види како младите од различни страни на Балканот исто размислуваат. И колку нам ни е важно тоа. Ние едноставно сакаме да ги надминеме предрасудите. Да, војната помина и злоделата не смеат да се заборават, но треба да се оди напред. Како млади треба да се бориме против таквите предрасуди, против национализмот со сета своја младешка енергија и бунтовност. Сите сме исти. Иако имаме различни имиња и различно потекло, ние покажавме дека можеме да функционираме како еден совршен механизам“, вели Надежда Секулиќ.

Таа и со дополна дека тие заедно создале возбудлив театарски чин во кој има многу хумор и сатира, но едновремено и многу радост.

Сцена од претставата „Неизговорени гласови“
Сцена од претставата „Неизговорени гласови“

​Инаку проектот беше подготвуван во Бања Лука, а претставата во изминативе денови беше изведена и во Мостар и во Зрењанин. Деновиве ќе ја видат и гледачите во Ниш, а во петок на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе ја има и македонската премиера . Влезот е слободен.

„Досега приемот на публиката е исклучително позитивен бидејќи младите луѓе на многу силен и прецизен начин го покажуваат и прикажуваат својот став во однос на стереотипите кои владеат во регионов. Моето чувство како некој кој зел учество во процесот е дека оваа нова генерација има свој специфичен поглед. Да, го има минатото како тежина и како сеќавање, меѓутоа тие имаат по 20 години, родени се после војните и морам да признам дека има една исклучително позитивна енергија за расчистување со она што било и за градење на мостови кон иднината“, појаснува Нелковски.

Кон ова само уште информацијата дека проектот „Неизговорени гласови“ е финансиран од страна на RYCO – Регионалната канцеларија за соработка помеѓу младите. RYCO е независен функционален механизам кој е основан од учесниците на Западен Балкан 6 (WB 6): Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Македонија и Србија, со цел промовирање на духот на помирување и соработка помеѓу младите во регионот преку програми за младинска размена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG