Достапни линкови

Трајче Ѓорѓиев: И да нема пари ПАНФИЗ и натаму ќе постои!


Со претстави на уметници од соседните Грција, Бугарија и Србија, од 7 до 9 јуни, на малата сцена во МНТ, ќе се одржи 11 издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ, манифестацијата која цела една декада успева да ги прескокне оградите за нејзиното овдешно опстојување.

Трајче Ѓорѓиев, актерот, пантомимичар и еден од идејните творци на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ, во пресрет на првиот дел од 11-то издание на манифестацијата, знае да каже дека годинава таа ќе понуди четири жанрови од театарот на движењe. Дека тие како организатори поканиле четири различни претстави за кои се надева оти ќе го задоволат вкусот на публиката. Сепак, тој и во оваа пригода не заборава да потсети дека „фестивал или било каков друг квалитетен културен настан не може да се направи со малку пари“.

ПАНФИЗ – Фестивал што руши бариери
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:20 0:00

„Сè зависи од финансиските средства. Нашите финансиски средства оваа година се уште помали во однос на претходните изданија. Пред година или две јас реков дека се потпираме на нашите стари познанства и на стари пријатели. На уметници коишто нешто значат во нивните земји. Можеби не се од светски калибар но се доволно претставителни, а за да бидат со такво реноме верувајте потребни се многу повеќе пари“, вели Ѓорѓиев.

Александар Илиев, Бугарија
Александар Илиев, Бугарија

Од таму не случајно е и тоа што годинава повторно на ПАНФИЗ доаѓа еден од неговите вистински пријатели – светски познатиот пантомимичар, професор и антрополог Александар Илиев. Tој со себе ја носи претставата работена според циклусот за митската птица Симург од епот „Шахнаме“ која содржи три епизоди и која премиерно беше прикажана недамна на Универзитетот во Питсбург, во САД. Таа е убав показ за ритуален театар и базирана е на персиска (иранска) традиционална музика.

На Фестивалот ќе го видиме и неговиот студент Филип Дончев, кој неодамна дипломираше во Софија и кого го сметаат за еден од најголемите надежи на бугарската пантомима. Базирана на класични пантомими на Марсо, Баро, Едвардс и Дариус, неговата „Кругот на животот“ ги опфаќа најглавните моменти врзани со темата надеж.

Тука е и Марко Нектан од Србија, еден од ретките буто артисти на Балканот. Тој ќе ја одигра транс-ритуалната „Мандрагора“ која се фокусира на антропоморфното растение кое со себе носи разни легенди, носи среќа но може и да го убие човекот со својот врисок, и го поставува прашањето која е цената што сме подготвени да ја платиме за трошка среќа.

„За наша радост ни доаѓа и една прекрасна гостинка од Грција – Емануела Капокаки, со нејзиниот Визуелен куклен театар „Празеин Алога“. Трупата која е многу позната во соседната држава и која често патува по светот на отворањето на Фестивалот ќе ја одигра „Снешкото што не сакаше да се стопи“, една топла претстава којашто носи топла порака и која никого нема да остави рамнодушен, ни децата ни повозрасните“, појаснува првиот човек на ПАНФИЗ.

Емануела Капукаки, Грција
Емануела Капукаки, Грција

Говорејќи, пак, за иднината на Фестивалот, Трајче Ѓорѓиев вели дека не е загрижен. Посочува дека ПАНФИЗ постои само една декада што е минимум во споредба со фактот дека пантомимата на пример во соседна Бугарија ја има цел еден век. Смета дека ќе дојде време кога придобивките од оваа уметност ќе бидат препознаени и кај нас.

„Не се плашам дека ние правиме нешто коешто наидува на ѕид. За сè треба време. Јас и некои мои колеги, актери, сме пионери во оваа област. Можеби не треба да поминат уште 100 години за да на некој начин ја охрабриме или воздигнеме македонската театарска публика, но велам за сè е потребно време а ние сме на почетокот. Мислам дека и работилницата што ќе ја одржиме и сите оние што беа претходно реализирани во годините наназад, и самите претстави и артисти кои доаѓаа на Фестивалот се дел од тој простор-време кој мора да помине. Детските болести треба да се прележат. За жал финансиите се минимални, но се надевам дека сето тоа во иднина ќе си дојде на свое место и оваа власт или некоја идна власт ќе почне да ги препознава придобивките или значењето на овој вид на уметност. Ми се чини дека ПАНФИЗ од сега натаму може да оди само напред. Никако назад. Конечно, и да нема пари, овој Фестивал ќе постои“, вели тој.

Трајче Ѓорѓиев
Трајче Ѓорѓиев

Инаку, Ѓорѓиев веќе три години работи со ансамблот на Народно позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, а со нивната прва соработка „Три сестри“ од Чехов не само што освоија многу награди во Србија, туку лани во октомври беа добитници и на Гран-при на Фестивалот во Липекц, во Русија. По тој успех добија покана за учество и на сродната манифестација која деновиве се одржа во Омск, во Сибирката област.

„Иако Сибир е синоним за нешто ладно ние навистина бевме топло примени. И времето ни се погоди, а со раширени раце не пречекаа и луѓето организатори на манифестацијата. Тој фестивал беше од ревијален карактер, значи немаше награди, меѓутоа нашата награда беше реакцијата на публиката којашто аплаудираше, да не претерам, ама ајде 10-на минути по претставата и нешто што јас не сум го видел досега на гостувањата по фестивали. Од оние 100-на посетители кои ја следеа оваа камерна претстава барем половината останаа после на разговорот за неа. Од самите нивни реакции, од очите можеше да им се прочита дека го препознале Чехов и дека уживале во него“, ќе рече режисерот на овој проект.

Кон ова само уште информацијата дека до крајот на оваа година или најдоцна во првата половина на 2019 ќе биде реализирана и третата пантомимска претстава на Трајче Ѓорѓиев во некоја од домашните театарски куќи. За тоа кој текст ќе го работи и каде ќе се случи премиерната изведба тој смета дека е прерано да се зборува.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG