Достапни линкови

Млади актери преку театарот даваат надеж


Давид Илиќ, Мишо Димитријевски, Матеј Стојковски и Никица Јанковски студенти - актери од Куманово.
Давид Илиќ, Мишо Димитријевски, Матеј Стојковски и Никица Јанковски студенти - актери од Куманово.

Петмина млади актери од Куманово ентузијастички и самоиницијативно подготвуваат театарски претстави со кои, како што велат, сакаат да привлечат млади во театар.

Премногу присуство на интернет, на социјалните мрежи, премалку меѓусебна жива комуникација, културни настани, збогатување на душата и оттргнување од отуѓувањето, е главно она што им недостасува на младите во Куманово, велат Давид Илиќ, Мишо Димитријевски, Матеј Стојковски и Никица Јанковски, студенти - актери.

Во обидот да сменат нешто кон подобро и посуштествено тие ентузијастички и самоиницијативно подготвуваат театарски претстави со кои, како што велат, сакаат да упатат пораки и до младите, но и до надлежните дека треба да се менуваме за подобро на сите. Однапред знаат дека нивната професија не е лесна, но имаат голема желба и енергија да ја разбудат заспиената душа, да ја привлечат младината во театарот.

„На младите им фали живот, aнимација. Младите се многу затворени во 21 век, се затвараат по дома, седат на интернет, на мобилни телефони, создаваат некој виртуелен свет, а театарот е жива материја. Театарот е душатa. Ако на нашите деца не можеме да им ја дадеме душата, какви луѓе ќе бидат понатаму. Тоа е прашање на глобално ниво, бидејќи сите луѓе се затвараат и не си ги искажуваат емоциите. Затворени се, тажни се, се појавуваат нови болести, големи депресии, тоа е поради тоа што човекот не може да каже што мисли, а имаме „слобода на говор“. Таа слобода на говор е фиктивна, не постои. Имаме слободна на говор, слобода на говор, па говор на омраза. Одеднаш говор на омраза, тоа е мојот став“, вели Давид Илиќ.

Тој додава дека младите луѓе немаат желба да се борат за самите себеси. Можеби полесно ќе помогнат на некој друг, отколку себеси. Првин треба да се исчисти сопствениот двор, а потоа туѓиот. Слаба личност не може да помогне на другиот, може само да дава лажна надеж.

„Театарот е давање надеж. Освестување и тоа брзо. Како побрзо да стигнеш до одговорот на прашањето што ме мачи“, појаснува тој.

Матеј Стојковски, пак, вели дека нашиот менталитет многу тешко се менува.

„Не сме подложни на промени, или пак само на лоши. Секогаш сакаме да газиме на сигурно. Така било и со нашите претци, да се изгради куќа, тука да се живее и тука да се умре“, вели тој.

Културата потекнува од мали нозе, од дома, а потоа се развива и надградува. Ако децата од мали одат на театарски претстави се воспоставува размена на енергија, а актерите сакаат да имаат таква публика од која, според Мишо Димитирјевски, иднината ќе има бенефит.

„Нема ништо поубаво од тоа да играш претстава за деца, оти тие се најискрената публика. Тие не само што гледаат и слушаат, тие и навиваат за добриот и лошиот, ги бркаат, најискрени се, немаат бариери во главите кои им ги попречуваат некои морални вредности кои се уште не им се развиени. Тие уживаат и на актерот му даваат премногу убавина, добрина и позитивна енергија“, вели тој.

Тој смета дека доколку од деца се навикнат или „инфицираат“ со театарски претстави тие луѓе во иднина ќе се стремат духовно да се надградуваат.

Никица Јанковски посочува дека постојано се вели дека нешто треба да се смени во културата. Во Куманово за жал се помалку има културни настани, без оглед дали се концерти, изложби, претстави.

„Иако ги има сè помалку, сè помалку се и испочитувани од страната на младите. Имаше летото некои концерти на платото пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ што е за почит“, вели Никица Јанковски.

Младите незадоволни од состојбата во градот и државава се стремат да заминат некаде надвор.

„Мора да остане некој, за да се крене културата, затоа што таа најповеќе ни треба.“

Овие млади актери ќе се обидат да ја сменат состојбата тука, во својот град и својата држава.

„Но, ако ништо не се промени, јас ќе одам надвор од државава“, најавува Стојковски.

Оваа актерска екипа под менторство на актерот Горан Илиќ пред кумановската публика ќе се претстави со претставата „Ајде уште една за по пат“ од Харолд Пинтер во рамките на движењето „Теактер студио“. Желба им е да играат и на сцени во другите градови.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG