Достапни линкови

ОБСЕ со извештај за СЈО - Јанева бара забрзување на судењата


Презентација на извештајот на ОБСЕ за работата на СЈО
Презентација на извештајот на ОБСЕ за работата на СЈО

Судот можеше и за предметот Титаник да закаже десетици судења однапред, како што направи со судењето за насилствата од 27 април, а не да закаже само едно во септември, реагира специјалната обвинителка Катица Јанева.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева најави дека во наредниот извештај за работата на СЈО за две недели, ќе има и посебен дел во кој ќе се осврнат на нерегуларностите и недоследностите во работењето на судиите и на судовите. Таа се пожали на опструкции од страна на судовите во барањата за притвор. На денешната презентација на првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО што го изработи ОБСЕ, Јанева апелира до судовите да ја забрзаат работата во нивните случаи.

„Исто така можеше во периодот од декември 2017 до денес, судот да закаже повеќе рочишта за нашите предмети како што тоа го направи во предметот за настаните од 27 април во Собранието, каде што однапред закажа 37 рочишта за судење. Истото можеше да го направи и за предметот Титаник којшто е најобемен во СЈО“, рече Катица Јанева, нагласувајќи дека во септември е закажано само едно рочиште за предметот Титаник.

Извештајот на ОБСЕ се однесува на работата на СЈО до поднесување на обвиненија, а во наредниот извештај ќе биде анализиран текот на судењата.

Мишел Принц од ОБСЕ рече е забележано дека судовите имале различни аршини при доделувањето притвор за осомничени и обвинети по барањата на СЈО и по барањата на другите јавни обвинителства.

„Обезбедувањето мерки за претпазливост беше еден од најтешките предизвици со кои се соочи СЈО. За време на истражната фаза, судиите беа неволни да одредат какви било мерки за претпазливост за осомничените од СЈО. Ниту еден од осомничените не беше притворен пред поднесувањето на обвинение“, рече таа.

Принц рече дека се јавува и дилема дали нелегално прислушуваните разговори може да се користат како докази пред суд. Таа исто така забележа дека СЈО треба да биде потранспарентно пред јавноста при преземањето надлежност врз одредени предмети од другите обвинителства и да соопшти колку што може повеќе информации, без притоа да ја загрози истрагата.

Принц рече дека на судовите им требале 5-6 месеци за прифаќање на обвиненијата на СЈО, што може да се смета за претерано.

„Сегашните ограничувања во законската и институционална рамка го загрозуваат процесот на утврдување одговорност за некои од сериозните кривични дела разоткриени со прислушувањето. Има најмалку 12 тековни истраги што беа објавени по истекувањето на законскиот рок, чија судбина е неизвесна. Затоа се препорачува промена на законот за сите случаи да добијат разрешница за да се обезбеди целосна одговорност за кривичните дела откриени со прислушувањето“, рече Принц.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човековите права во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска, рече дека формирањето на СЈО се должи на губењето на довербата во Основното јавно обвинителство, коишто е најслабата карика во правосудниот систем.

„Таа недоверба е градена со години. Не чинењето, не постапувањето на јавното обвинителство, како финален резултат носи култура на неказнивост, а неказнивоста сама по себе поттикнува нови и нови повреди“, рече таа.

Лазарова Трајковска рече дека судовите мора да дадат сериозно образложение за користењето на прислушуваните разговори како доказ, како и за помилувањата од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG