Достапни линкови

Кумановскиот театар не се дава и покрај лошите услови


Брачна игра, театарска претстава во кумановскиот театар.
Брачна игра, театарска претстава во кумановскиот театар.

И покрај тоа што Министерството за култура годишно финансира само две претстави на македонски јазик, актерите и режисерите се подготвени да создаваат други претстави.

Лошите, анахрони услови, гнилите штици и покривот што и на мал дожд пропушта вода, не им пречат на младите актери во кумановскиот Театар да собираат публика пред која максимално ќе ја изнесат својата љубов кон професијата. И покрај тоа што Министерството за култура годишно финансира само две претстави на македонски јазик, актерите и режисерите се подготвени да создаваат други претстави, со цел да ги вратат повозрасните и да ги „придобијат“ младите љубители на оваа уметност.

Имаме супер екипа. Од најстарите до најмладите. Талентирани и вредни луѓе кои се подготвени и животот да се остават на штиците, без оглед дали е нов или стар театар, иако се надеваме дека ќе добиеме многу подобри услови, како што одамна се ветува.
Сања Русевска, актерка.

Дека кумановци го сакаат театарот, покажа и барање билет повеќе за претставата „Брачна игра“ на младата режисерка Бојана Краљевска, во изведба на исто така младите актери Сања Русевска и Марко Трајковиќ. Еднакво посетена како и „Мајка храброст“ и „Грдиот“,„Брачна игра“ младиот тим ја игра на мала сцена, во фоајето на Театарот, од објективни причини, што ниту за актерите, ниту за публиката не е никаква пречка.

Како е да се игра на ваква сцена, со свое видување актерите Сања Русевска и Марко Трајковиќ:

Според театарското клише „штиците што живот значат“ за луѓе што ја сакаат оваа работа не е битно дали тие се изедени, искршени, нефарбани, нелакирани 30 години, за луѓето што ја сакаат оваа професија не е важно.
Марко Трајковиќ, актер.

„Имаме супер екипа. Од најстарите до најмладите. Талентирани и вредни луѓе кои се подготвени и животот да се остават на штиците, без оглед дали е нов или стар театар, иако се надеваме дека ќе добиеме многу подобри услови, како што одамна се ветува. На тој начин ќе можеме да твориме многу повеќе, режисерите ќе сакаат да работат во овој театар, не би имало толку поплаки и жалби. Сите ние би биле повеќе инспирирани за работа, иако и без тоа ние сакаме да работиме, зашто сите што сум ги запознала овде сакаат да работат. Сите едвај чекаат да има нов проект, да го сработат, да креираат нов лик и да има публика“, вели Русевска.

„Кумановскиот Театар е мој театар, и покрај сите услови, неуслови, што би се кажало, според театарското клише „штиците што живот значат“ за луѓе што ја сакаат оваа работа не е битно дали тие се изедени, искршени, нефарбани, нелакирани 30 години, за луѓето што ја сакаат оваа професија не е важно“, вели Трајковиќ.

РСЕ: Кумановскиот Театар по конструкција е трул. Има ли надеж публиката да се врати?

„Да, конструкцијата е трула, ама има многу млади талентирани во Куманово особено. Имаме осум колеги кои се недипломирани, а во кои има голем потенцијал. Сè што се прави во театарот не се прави лошо, но не е во тек со времето што не снајде“, вели Трајковиќ.

Младите актери се свесни за состојбите, но не се предаваат и не сакаат стихијата да ги носи. Поттик за тоа се и нивните генерации кои бараат претстави, ги посетуваат и духовно исполнети со нетрпение очекуваат нови.

Публиката која има чувство за театарот не прашува каква е претставата. Таа бара билети, а за секоја претстава билетите се распродаваат до последен.

„Искрено, требаше да ја направат на големата сцена.“

„Претставата е одлична, а малата сцена функционира феноменално.“

„Многу ми се допаѓа тоа што културата се издигнува на повисоко ниво, малата сцена собира помалку публика, така што ќе има повеќе репризи.“

„Време беше за ваква промена и навистина ми се допаѓа, супер“, велат запрашаните љубители на Талија, со очекување дека барем еднаш во месецот ќе можат да видат театарска претстава, макар тоа било и реприза.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG