Достапни линкови

Младите се фаќаат или за партиска или за емигрантска сламка


Трибина за потребите и проблемите со кои се соочуваат младите.
Трибина за потребите и проблемите со кои се соочуваат младите.

Подобро образование, култура и мести за забава бараат младите на Куманово. Тие се засегнати од тоа што многумина нивни сограѓани заминуваат надвор од државава и што мораат да се вклучат во политичка партија за полесно вработување.

Без оглед на етничката, верската или политичката определба, младите во Куманово, а и во североисточниот регион, се соочуваат со исти проблеми. Тие сакаат вработување, подобра образовна и културна инфраструктура, но и повеќе места за забава и излегување во слободното време, за ноќен живот, а при тоа не доволно се вклучени во донесување одлуки, велат Александра Тасиќ од младинското невладино здружение „Бујрум“ од Куманово, како и Виктор Алексоски од Невладиниот младински совет на Македонија.

Младите од Куманово без оглед на степенот на нивното образование сè повеќе го напуштаат градот и државава и заминуваат во поразвиените делови од светот, барајќи подобар живот.

„Причина за тоа е актуелноста на политичките партии и недостаток на вработување. Многу млади се вклучуваат во политичките партии за полесно да дојдат до вработување, да се надоградат себеси, а причината за тоа е, пак, недостаток на работните места за младите“, вели Тасиќ.

Алексоски додава дека токму поради проблемите со кои се соочуваат младите, организирана е трибина под мотото „Избори се“, односно „Локални младински муабети“, каде што од една страна се младите и нивните барања, потреби и проблеми, а од друга страна, пак, се претставници од релевантните општествени структури. Според Алексоски за вклучување на младите во политичките протести од едната или од другата страна показател е дека младите имаат сопствени барања.

„Веројатно на какви и протести да отидат или ги поддржуваат, бараат нивните прашања да бидат адресирани. Конкретно во Куманово бараат повеќе инвестиции во образовната и клутурната инфраструктура, побогат библиотечен фонд. Конкретно во Куманово младите се засегнати и тоа што многумина нивни сограѓани заминуваат надвор од државава, особено како подобар начин за заработка, за кариера, за професионално или животно надградување или во краен случај за егзистенција. Или пак, тоа е само еден хит, тренд, а вистината е некаде на средина“, вели Алексоски.

Аван Нијазиу вели дека и младите Албанци се соочуваат со исти проблеми како Македонците и останатите. Но, тој додава дека одамна во Куманово Албанците не излегуваат во кафулиња со чист етнички предзнак.

„Албанците не гледаат, тие сакаат да се вработуваат, да другаруваат, независно кој од која припадност е“, вели Нијазиу.

Младите во Куманово на вакви средби главно добиваат ветувања дека општеството уште утре ќе се погрижи за нивно подобро место и за подобра перспектива, но штом ќе се исклучат микрофоните на трибините речиси ништо не се менува, а животниот тек си продолжува по старо. Фаќање за партиска или емигрантска сламка во потрага по подобар живот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG