Достапни линкови

Падот на лирата ќе ги поевтини турските производи во Македонија


Падот на турската лира нема да предизвика големи последици врз македонската економија. Економистите велат дека тоа што ќе се увезува од Турција ќе биде поевтино за македонските компании, но можно е да се зголеми трговскиот дефицит со Турција.

Домашната економија не треба да стравува од поголеми негативни последици по падот на турската лира, велат економистите, додавајќи дека сепак кризата би можела да доведе до зголемување на трговскиот дефицит со Турција.

„За Република Македонија најголем трговски партнер е Европската унија со околу 70 проценти. Имајќи го предвид овој факт сметаме дека кризата во Турција нема да има негативни ефекти врз македонската економија. Во првите шест месеци од годинава трговската размена меѓу Македонија и Турција е зголемена за 23,6 проценти и достигнала 256 милиони долари. Има раст и кај извозот, но и кај увозот што значи тоа дека тоа што се увезува од Турција ќе биде поевтино за македонските компании“, изјави Дрилон Исени, директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Очекувањата се дека падот на турската валута ќе предизвика банкрот на многу фирми особено на тие што се извозно ориентирани, а турските компании да почнат да го повлекуваат капиталот од страна. Од комората велат дека не е исклучено да се појават проблеми со турските инвеститори во Македонија, но дека засега трговската размена со Турција е со позитивен предзнак.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков, пак, вели дека турските инвеститори во Македонија се мултинационални компании кои имаат средства и можат да ги поднесат тековните ризици кои се резултата на меѓународната политика на Турција.

„Овие компании можат тоа вешто да го избегнат, а дури и подобро е тоа што во моментот не работат во Турција. Бидејќи таму се случува инфлација, имаат потешкотии во турската економија, меѓутоа компаниите кои инвестираат надвор, работат (во нашиот случај во Македонија), во едни подобри услови за водење бизнис и мислам дека дури е и подобро што некои компании имаат дисперзирани бизниси кои ќе можат да ги балансираат тие удари,“ вели Бошков.

Политичката криза која влијае на економската ситуација во Турција не се однесува на економското работење во Македонија поради локалните параметри, вели Бошков.

Што се однесува до бизнисот во Македонија, не верувам дека тие компании ќе имаат потешкотии или ќе има некое поголемо влијание, може само да се каже дека можат да ги користат ресурсите за одржување на стабилност на компаниите со инвестициите во Македонија, Србија, Русија итн. Тие компании кои се дојдени тука имаат свои бизниси и во регионот, во многу поголемо економско опкружување, со многу повеќе потрошувачи, така што мислам дека мултинационалните турски компании се „доволно умни“ да можат да го поднесат тој удар,“ заклучува Бошков.

Според експертите никој не може да знае дали оваа ситуација може да се префрли на другите пазари, иако се тврди дека најпогодени ќе бидат тие брзорастечките економии. Трговската размена меѓу Македонија и Турција надминува 400 милиони долари на годишно ниво.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG