Достапни линкови

Ердоган: ќе најдеме нови пазари и сојузи


Ердоган: бизнисмените да не ги повлекуваат девизите од банките
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Ердоган: бизнисмените да не ги повлекуваат девизите од банките

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги предупреди бизнисмените дека ќе преземе драстични мерки ако нивните компании ги повлечат странските валути од банките во екот на кризата во таа земја предизвикана од падот на турската лира. Претходно тој ги повика Турците да ги продадат доларите и еврата за да ја поддржат лирата.

Во обраќањето во градот Трабзон Ердоган наведе дека фирмите треба да знаат „оти држењето на Турција жива и исправена не е само работа на политичарите, туку и на индустријалците и трговците“.

Тој најави и акционен план со цел справување со сегашната криза.

Ердоган се осврна и врз барањето на Вашингтон за ослободување на евангелистичкиот свештеник Ендру Брансон, на кој во Турција му се суди за тероризам.

Притоа тој откри детали за преговорите што се одржаа во минатата недела меѓу двете земји, наведувајќи дека Вашингтон се заканил сосанкции ако Турција одбие да го ослободи свештеникот.

„Тие рекоа ослободете го пасторот до среда во 18.00 часот. Ако не го ослободиме, тие рекоа дека ќе нè санкционираат“.

Турскиот суд го префрли Брансон во домашен притвор по речиси 20 месеци затвор.

Разочаран од неговиот континуиран притвор, Вашингтон санкционираше двајца турски министри, а потоа ги удвои тарифите за увоз на турски челик и алуминиум.

Ердоган оцени дека оваа одлука е спротивна од правилата на Светската трговска организација.

„Нашиот одговор на оние кои водат трговска војна против целиот свет, а ја вклучија и нашата земја во тоа, е дека ќе најдеме нови пазари и нови сојузи. Погледнете го ова, ги зголемуваат тарифите за метал и челик, а ние сме членка на Светската трговска организација. Ова не е меѓу правилата на Светската трговска организација“.

Ердоган притоа повтори дека кризата претставува, како што изјави, „операција против турската економија спроведена преку девизните курсеви“.

Турската лира оваа година загуби околу 40 насто од својата вредност, во голема мера поради загриженоста за влијанието на Ердоган врз економијата, неговите постојани повици за пониски каматни стапки пред високата инфлација и влошените врски со САД.

Лирата осоебно падна на рекордно ниско ниво во минатата недела кога се продаваше за 7,24 за еден долар.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG