Достапни линкови

Политиката на Ердоган кон Македонија нема многу да се промени


По убедливата победа на Реџеп Таип Ердоган, домашните дипломати и аналитичари не очекуваат драстична промена во досегашната политика на Турција кон Македонија. Сепак, не исклучуваат дека засилената моќ на Ердоган ќе се рефлектира на неговото однесување внатре и надвор од земјата.

Победата на Реџеп Таип Ердоган на претседателските и парламентарните избори во Турција значително ќе ја зголеми неговата моќ, но упатените се воздржани во однос на евентуални промени на традиционално добрите односи меѓу Република Македонија и Република Турција. Поранешниот дипломат Драган Јањатов вели дека иако е очекувана, победата на Ердоган значи засилување на неговите политики внатре и надвор во земјата.

„Турскиот став кон Македонија ќе оди на тоа да почека што ќе се случува понатаму. Засега тие се и мислам дека ќе останат воздржани се додека нема некои конкретни решенија. Тука не може да се очекува некој драстичен антагонистички став кон Македонија, меѓутоа ќе има одредена воздржаност и времето ќе покаже кон што таа ќе биде насочена,“ вели Јањатов.

Јањатов вели дека честитката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов до неговиот турски колега не соодветствува со дипломатскиот дух, и според него неизвесно ќе биде како ќе се одвиваат односите меѓу двете земји.

„Не верувам во спрегата Путин-Ердоган меѓутоа можно е да се очекува некои рефлексии и од таа страна, ќе видиме како ќе дувне ветрот. Јас не би избрзувал со децидни заклучоци дали ќе продложи трендот на добри односи или не, меѓутоа од заеднички интерес е да не се случува некоја промена“, вели Јањатов.

И политичкиот аналитичар Алберт Муслиу не исклучува дека новите уставни промени во Турција ќе влијаат на начинот на неговото однесување.

„Јас не очекувам директно влијание, но во секој случај познати се односите на Турција со Грција. Се надевам дека тие односи нема да влијаат во интегрирањето на Македонија во НАТО, каде што Турција е полноправна членка. Се надевам дека ставовите кои Турција ги има нема да влијаат врз нашите атлански интеграции,“ вели политичкиот аналитичар.

Муслиу потсетува дека во минатото се покажало и дека односите не биле баш најкоректни, алудирајќи на случајот кога по неуспешниот воен удар пред две години во Турција, Ердоган нареди затворање на турските училишта во земјава за кои сметаше дека се поврзани со движењето на Фатула Ѓулен. Властите во Турција тогаш затворија илјадници училишта, фирми и организации, а според некои наводи, државата конфискувала имот на ѓуленистите во вредност од неколку милијарди долари.

Во однос на Македонија и на целиот Балкан, турската надворешна политика последните години немаше баш коректен однос, и повеќе се однесуваше како кон подредени држави. Такви случаи имавме имавме и во Косово и во Македонија кога инсистираа да се затворат школите на неговите политички противници, или како што Ердоган ги дефинира членови на терористичката организација на Фетула Ѓулен. Така што верувам дека тие притисоци ќе зајакнат, но мислам дека отворањето на евроатланските перспективи на Македонија сигурно дека ќе влијаат како одбранбен механизам од понатамошното зголемено влијание на Ердоган во Македонија,“вели Муслиу.

Некои поранешни амбасадори на Македонија во Турција посочуваат дека Македонија и Турција имаат континуитет на заедничка историја, соработка и поддршка, која како што велат Турција ќе се труди да ја продолжи.И историјата зборува за поврзаност на овој регион со Отоманската Република или денешната модерна Турција, а пред повеќе од една деценија официјална Анкара станува се поголем фактор во регионот, но и во светот, велат упатените.

Инаку Реџеп Таип Ердоган и неговата владејачка Партија на правдата и развојот убедливо победија на претседателските и на парламентарните избори што вчера се одржаа во Турција. Тоа беше нивниот најголем изборен предизвик во измината деценија и пол од кога се на власт во таа земја.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG