Достапни линкови

Коментари контра ЕУ, НАТО, праските и ДИК


Знамиња на Македонија и на НАТО.
Знамиња на Македонија и на НАТО.

На Македонија најдобро ќе ѝ било да е сама ама своја, коментираат фановите на социјалните мрежи. Во постовите изобилуваат ставови против составот на ДИК, против Владата и евроатлантските аспирации, а во руската забрана за увоз на праски - гледаат политички заговор.

Новиот претседател на ДИК, Оливер Деркоски е во фокусот на интересирањето на посетителите на нашата ФБ страница. Повеќето не покажуваат доверба дека „овој состав на ДИК ќе покаже дека во Македонија може и поинаку да се функционира и да се одолее на притисоците“, како што вели Дерковски во неделното интервју за РСЕ.

Ѓорѓи Ристески кажува некои свои сознанија за него. „Деркоски е кадар на СДСМ од Прилеп кој меѓу првите пребегна на печалба во удбашкото здружение на ВМРО-ДПМНЕ... сега потполно чисто и пропагандистички ќе си се опишува како кадар на ВМРО-ДПМНЕ за покритие, а ќе одработува за неговата матична партија“, постирал Ристески.

Во младинската онлајн колумна на РСЕ овојпат своето мислење за референдумот го искажува Ивана Туфегџиќ, независна пратеничка, инаку дел од владејачкото мнозинство која, покрај другото смета дека младите во земјава се пред уште една одлука – Европа или изолација. Цел куп негативни коментари со недоверба и навреди постирале посетителите на ФБ страницата на нашево Радио. Сашко Стојановски пишува дека „многу лоши презентери има сиротиот ’референдум‘, и да сака човек да гласа ќе се подзамисли малку. Ласкова ќе ме убедува? Или Локвенец? Или оној што ќерката на одмор ја носеше со џипот на МВР? Камо реформи? Камо борба со корупција?... Опрајте се ако можете ако не МАРШ!!!“, постирал луто Сашко Стојановски. Наташа Наковска Кленкоска ја коментира изолацијата што ја предвидува Туфегџиќ: „...или изолација“, па ставила Смешко и додала: „Колку сте нападни и провидни!“ Петар Дамјанов, меѓутоа, со коментар за оние што имаат негативно мислење за референдумот: „Ако во Македонија има толку многу предавници, тогаш патриотите признаваат дека губат на референдумот“. А Никола Јовановски, РСЕ го нарекува „соросоиден портал што го финансира Сорос за пропаганда“. Другите карактеристики нема да ги цитираме.

Доказ дека во Македонија сè се посматра низ призмата на политиката се постовите по информацијата дека Русија времено ќе го запре увозот на праски од Србија и Македонија. Заборавајќи дека таа мерка ќе биде штетна всушност за земјава и за нашите граѓани, Владимир Божиновски напишал: „Јас да сум како Русија, сè ќе забранам... протераа руски дипломати“. Сашко Цветковиќ, како производител на праски се обидува да ги објасни работите: „Запознаен сум со проблемите во овоштарството и во сè гледате политика, колку е жално кога сите коментираат за сè и сешто. Навистина имаме огромни проблеми со болестите кај коскестото овошје, најверојатно од климатските влијанија“. Боро Велјановски препорачува коментаторите добро да се информираат па после да тераат теории на заговор, а Јордан Стојановски прашува: „Не мешајте секаде политика... Ако нас не нè сакаат, зошто тогаш и од Србија нема да увезуваат, кога се најголеми пријатели?“ Сашка Мијајловиќ Георгиевска со оценка за нашиот народ: „Изгледа ги мрзи да читаат, таков народ сме, секој сфаќа како сака“.

Постовите се преполни и со негативно расположение спрема ЕУ и НАТО, спрема западните демократии воопшто, со мислеања дека на Македонија најдобро ќе ѝ било сама ама своја.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG