Достапни линкови

Младите пред уште една одлука - Европа или изолација


Ивана Туфегчиќ, пратеничка

Овој пат изборот на младите всушност е цивилизациски. Цивилизациски вредности и рамноправност во едно големо семејство со океан од можности или мочуриште со една единствена можност: работа на црно во некоја од земјите кои веќе се членки на ЕУ, пишува Ивана Туфегџиќ, пратеничка во Собранието на Македонија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Македонија повторно се наоѓа на крстопат. Помеѓу перспективата и безперспективноста, помеѓу Европа и изолација, помеѓу развојот и тапкањето во место. Уште едно гласање кое би го нарекле судбоносно за иднината, како и она од 1991 кога тие генерации биле соочени со предизвикот да создадат и изградат независна држава. Таа независна држава која ќе полни 27 години сепак создаде и создава нови генерации кои знаат и умеат да понесат одговорност за правецот во кој таа ќе се движи.

Младите во Македонија низ годините покажаа дека знаат што сакаат, дека знаат на каде треба да се движиме, дека знаат како се креираат политики и бараат да бидат активно вклучени во сите процеси особено кога станува збор за нивните права и нивните можности. На крајот на денот токму младите отпочнаа со ставање крај на една безперспективност и безнадежна изолација.

Сега повторно тие млади ќе одлучат дали Македонија ќе оди по патот на интеграцијата или пак по некој пат, кој противниците на интеграцијата, не го објаснуваат што значи, на каде води, што ќе донесе, каква иднина има.

Патот кон членство во Унијата не е воопшто брз, напротив, но целта кон станување рамноправна членка на ЕУ значи отворање на пристапни преговори во кои поглавје по поглавје, од владеење на правото и безбедност, па сè до животна средина, образование, социјална политика се реформира општеството за земјата да може да ги исполни критериумите за членство во Унијата.

ЕУ е систем кон кој се стреми мнозинството од нашето општество. Се стремиме кон пазар кој има 500 милиони потрошувачи, а центарот на тоа е мобилноста, образованието, вештините, претприемништвото и технологијата.

Високото образование за студентите од земјите членки на државните универзитети е без партиципација, а со квалификациите стекнати се отвораат можности за работни места како во сопствената држава, така и во која било земја членка. Мобилноста за работни места, за стекнување вештини, волонтерство и практична работа е придонес кон развивањето на младите. Фондовите во кои ЕУ издвојува милијарди евра, како Еразмус плус и Европскиот солидарен фонд се значителни за подигнување на квалитетот на образованието, не само како процес на стекнување знаења, туку и младинска размена и учење едни за други во рамките на Унијата. Еразмус плус програмата, на која корисник се и младите од Република Македонија, на пример има буџет од 14 милијарди евра. Придобивките од програмата која опфаќа мобилност, образование, обуки, младински програми ќе можат да ги искористат околу 4 милиони млади луѓе. Еразмус и Еразмус плус програмите се едни од најуспешните програми на Европската унија за мобилност и образование на млади луѓе ширум Европа со постојан раст на буџетот. Од Република Македонија оваа програма ја користат студентите за студиска размена на Универзитетите ширум Европа, за младински проекти, за стекнување вештини, волонтерство, обуки и размена на искуства и практики.

Европскиот социјален фонд, кој е само за земјите членки, за подобрување на можностите за вработување, зајакнување на социјалната инклузија, борба против сиромаштијата, промоција на образованието, вештините има буџет од над 70 милијардиевра. За програмата за младинска вработеност, која е за регионите кои имаат стапка на младинска невработеност над 25 проценти во периодот од 2007 до 2013-та биле вработени над 10 милиони Европејци. На 2ри Мај 2018та Комисијата претстави предлог за Европски Социјален Фонд Плус кој ќе има буџет од 101 милијарди евра за зголемување на социјалните права и достапноста до работни места.

Ваквата можност ги отвара работните места и тоа директно во самите земји членки, особено оние кои се соочуваат со потешкотии во справувањето со предизвикот на младинска невработеност, пристап на сите категории граѓани, посебно (и горе има особено) ранливите групи до квалитетни работни места. Солидарноста и грижата за обезбедување на можности за секого е темелот на модерна Европа.

Градењето на капацитетите на нашата држава за да биде подготвена да стане членка на Унијата е цел за поврзување со Европа за влијание на стандардот на граѓаните, на нивните права, на нивната социјална, културна, економска, образовна стабилност.

Овој пат изборот на младите всушност е цивилизациски. Цивилизациски вредности и рамноправност во едно големо семејство со океан од можности или мочуриште со една единствена можност: работа на црно во некоја од земјите кои веќе се членки на ЕУ.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG