Достапни линкови

Фамилии, картели и политички партии


Зоран Ќука. новинар

Сè додека мирисот на криминалот на фамилијата се поврзува со партијата, нема ништо од здрава и силна опозиција како вистински коректор на власта, а не пишувач на соопштенија и видео изјави. И сè додека и актуелната власт, оваа и која било идна, применуваат двојни аршини во битката против криминалот и корупцијата ќе се зборува за фамилии и картели.

Добро утро „заробена државо“ под власта на картелот на Зоран Заев! Добар ден ВМРО ДПМНЕ, - ти со својата „фамилија“ немаш кредибилитет да зборуваш за борба против криминал и корупција. (парафразирани партиски соопштенија)

И така, демек, сè​ е исто!

Секое утро, за добро утро, ВМРО ДПМНЕ испраќа соопштенија до јавноста за „заробената држава“ од страна на „Картелот“ на Зоран Заев. До пред една година, според СДСМ, на власт ја имавме Фамилијата на братучедите. Сега, според ВМРО-ДПМНЕ, на власт е Картелот на Заев.

Власта расипува во принцип. Бугарите велат - Дај ми власт, а парите сами ќе си дојдат. Така што генерално фамилии и картели, цутат и во Италија, Латинска Америка и Македонија и секаде каде ќе најдат плодна почва. Работата е колку општествата, државите и партиите се способни да се справат со нив за да не биде според изреката дека секоја држава си има мафија, а во Македонија мафијата си има држава.

Е па, и не е баш сè​ исто, засега

Ова „цвеќе“ кое сега цути, кога ќе замириса се кине за да не засмрди. Барем засега. За ова цвеќе кога ќе пушти реа, се зборува јавно, се вика на глас, море и се урла и тоа и од оние кои ја поддржуваа оваа, а не ја поднесуваа ни претходната мирисна состојба, така што градинарот е принуден да го исече замирисаниот цвет за да не се уништи растението до корен. Паѓаат оставки, се менуваат луѓе. Иако не сите. И тоа е здрава состојба. Не е добра, ама е поздрава од претходната. И затоа треба да се урла, да не се остави градинарот раат. Ни тој ни тие околу него. Оти и тие како да имаат чудни сетила за мирис па некои од нивните под замирисани министерски цветови не им ги параат носовите.

Во Фамилијата имено, цвеќето замириса, па засмрде, но носевите на заробената држава беа затнати долги години. Си трпеа луѓето, што со сила, што за пари, што од неукост. Трпеа сè дури повеќе не се дишеше. Фамилијата не од убост, не поради разбирачка, ами под силен притисок, мораше да го подотвори прозорецот и оттогаш сè е историја која не смее да се заборави, а чиј епилог за судбината на „загадувачите“ се уште го чекаме.

Ама не е ни арно!

Приказните не се исти. Оваа држава сега не е заробена. Не е уште ни до крај слободна, ама нели слободата и демократијата никогаш не се освоени еднаш за секогаш. Како ни борбата против криминалот и корупцијата. Ете ви го како потврда извештајот на ГРЕКО во кој се констатира дека Македонија нема опиплив напредок во борбата против корупцијата и дека резултатите се разочарувачки. Ако власта не ги исполни дадените рокови за примена на препораките џабе е се. Џабе ви се соопштенијата. Се ќе биде исто како и порано.

Она што загрижува не е само желбата на секоја власт да ги брцне прстите во медот. Власта расипува и треба да се менува што почесто. Сега веќе не може да се пожалиме дека немаме искуство. Уште долго ќе болат долгите години под режимот на Фамилијата.

Разочарува, исто така, што опозицијата не покажа сериозна намера да се оттргне од мирисот на Фамилијата. И се додека реата на криминалот на фамилијата се поврзува со партијата, нема ништо од здрава и силна опозиција како вистински коректор на власта, а не пишувач на соопштенија и видео изјави. И се додека и актуелната власт, оваа и која било идна, применуваат двојни аршини во битката против криминалот и корупцијата ќе се зборува за фамилии и картели.​

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG