Достапни линкови

Мемети: Во институциите постои криза на вредности


Народниот правобранител Иџет Мемети за годишниот извештај за 2017 година пред пратениците во Собранието.

Кризата на вредности во македонските институции значително влијае врз поредите на човековите права и слободи, особено во оние кои имаат овластувања за употреба на сила, како полицијата, вели Омбудсманот Иџет Мемети.

Во последните години имаше лош тренд на намалување на професионалноста во работата на јавните установи во однос на спроведување на прописите, беше спроведена партизација на институциите, вклучително полицијата, а со тоа се изгуби квалитетот на работата и нивните вредности и стручност за спроведување на регулативата, вели народниот правобранител Иџет Мемети во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Тој вели дека таа криза на вредности има значително влијание врз повредите на човековите слободи и права во судската власт и во администрацијата, особено во органите кои имаат овластувања за употреба на сила.

„Јас многу остро ја критикував работата на полицијата во однос на нападите во Собранието. Отидов чекор понатака, затоа што сметав дека полесно и подобро може да сфатат што е вистината. Тој настан едноставно јас го оквалификував дека полицијата го направи истото, полиција која наместо командите да ги добива согласно устав и закон, ги добиваше од партиски штабови“, вели Мемети.

Тој истакнува дека постојано бара мерки во однос на работата на полицијата, наведувајќи дека полицајци не треба да бидат регрутирани со курсеви, туку да имаат задолжително средно образование поради намалената професионалност.

Во Извештајот за 2017 година, за степенот на почитувањето и заштитата на човековите права и слободи, Мемети вели дека состојбата со непрофесионалноста на полицијата трае со години, а во изминатата година тоа го потврдиле настаните со насилството во Парламентот.

„Непрофесионалноста на полицијата се потврди и во случаите со приведувањето на тројцата пратеници, кои со лисици беа спроведени до судот, без притоа да се почитува нивниот имунитет. Најавените реформи кои се прават во оваа област треба да одат токму во оваа насока – создавање на професионална полицијска служба која ќе биде имуна на секакви влијанија“, вели Мемети во Извештајот за 2017 година.

Во извештајот исто така е потенцирано дека голем број претставки на граѓаните се однесуваат на работата на извршителите и неажурноста на управното судство, а зголемен е и бројот на граѓаните кои бараат заштита од дискриминација и мобинг.

На прашањето како да се подобри состојбата околу професионалното работење на јавните институции, универзитетскиот професор Стефан Буџаковски вели дека најмногу нарушувања и повреди на човековите права и слободи има кај репресивните органи, но за надминување на проблемот според него прво треба да се дејствува во превентивниот дел на покачување на свеста кај граѓаните.

Тој вели дека на некои граѓани некогаш им се чини дека одредени државни органи, преземајќи одредени мерки согласно надлежностите, ги повредиле нивните права и слободи.

„Менталниот склоп на Балканот е секгоаш да се противи на такви мерки, иако се тие во согласност на законот, а вториот дел е одредени отстапувања, бидејќи Македонија во овој период инвестираше доста во подобрување на функциите кои се однесуваат на почитување на човековите права и слободи. На пример во Министерството за внатрешни работи се воспостави служба за професионални стандарди која даде добри резултати“, вели Буџаковски.

Тој додава оти смета дека реалниот број на реални повреди и загрузувања на човекови права и слободи не е таква каква што се прикажува, туку дека е помал.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG