Достапни линкови

Со помалку часови до поквалитетно образование


Архивска фотографија - Прв училиштен ден.

Намалување на часовите, со акцент врз учење низ игра и критичко мислење е добар чекор, а со тоа ќе има и повеќе време за воспитување, оценуваат вклучени во образовниот процес. Предмети што ќе ги изучуваат учениците остануваат исти, но се намалува фондот на часови.

Неколку дена по информацијата од Министерството за образование и наука(МОН) за предвидени измени во наставните програми и намалување на наставни часови за учениците од одделенска настава, односно од 1- до 3-то одделение, наставниците велат дека ги поздравуваат овие промени и очекуваат со нив на учениците да им се отвори можност да развиваат многу повеќе креативно логично и критично мислење.

Учениците во текот на работната недела досега имаат по пет или шест часа дневно во класична настава и пет часови за продолжен престој, а со реформите учениците во прво одделение нема да имаат повеќе од четири часа дневно.

До ова доаѓа откако и анализите на МОН покажаа преголемо и несразмерно оптоварување на учениците, кое кај децата предизвикува одбивност, презаситеност и незаинтересираност за учењето.

Четири часа се доволни за еден ученик да напредува и да може дa ги усвои сите нaставни градива, тие промени се добри, а потребно што поскоро укинување и на наставата Кембриџ“, вeли Вилма Влаховиќ, одделенски наставник во ОУ Блаже Коневски во Скопје.

„Ја оценуваме како добар предлог, зашто децата беа оптоварени. Не може едно шест годишно дете да биде шест часа на училиште. Претпоставуваме дека децата ќе бидат во можност и побргу да го совладаат материјалот и на некоја начин во самиот процес тоа остава и поголема можност за воспитание“, изјави Марина Манојловска, директорка на основното училиште Браќа Миладиновци во Куманово.

МОН наведува дека целите на новото основно образование не треба да биде само подготовка на децата за средно училиште, туку треба да овозможи и развој на личност која може да преземе индивидуална, семејна и граѓанска одговорност и образование кое ги почитува и ги развива индивидуалните потреби, интереси и афинитети на личноста.

Од Фондацијата за образовни иницијативи „Чекор по чекор“, која од 1994 година работи со училиштата низ земјата, се задоволни што се става акцент на учењето низ игра и развивање на критичното мислење. Тие велат дека е добра иницијативата и да се намали бројот на ученици во одделенијата, а учебникот да не биде единствен извор на информации.

Според нив новите наставни програми, ќе влијаат во однос на планирањето, а наставниците ќе имаат можност сами да ги креираат и реализираат наставните содржини во однос на времетраење на час, одмор, избор на извор на информации, учебник и други дидактички алатки. На овој начин велат се овозможува и поголема тимска соработка и споделување на професионалните искуства.

„Ние го поздравуваме тоа што се остава повеќе простор за флексибилноста и креативноста на наставниците за сами да ги прилагодуваат наставните содржани на индивидуалните потреби и интереси на учениците. Исто така отсекогаш сме се залагале наставата да биде прилагодена на различните стилови на учење и да се води сметка со кои знаења и вештини се стекнуваат учениците“, вели Викторија Димитровска од „Чекор по чекор“.

Таа дополнува дека претходните искуства укажуваа дека е неопходно е да се подобри квалитетот во основното образование, откако се увиде проблемот со математичката и јазичната писменост кај основците.

Инаку, предмети што ќе ги изучуваат учениците остануваат исти. Мајчин јазик, наместо шест час ќе се изучува четири пати во неделата. Математика досега се изучуваше пет пати, а сега ќе се предава четири пати. Три часа се предвидени за предметот уметност каде ќе биде застапено музичко и ликовно образование, а физичко и англиски основците ќе имаат по два часа неделно.

Од Министерството за образование и наука наведуваат дека клучните промени на новите наставни програми и планови за првото одделение, кое сега е значително растоварено од содржина и тежина, предвидуваат намалување на времето што учениците ќе го поминат во настава за сметка на зголемување на времето за одмор и игра. Предвидено е на секој час од 40 минути да има 15 минути одмор за децата. Промените опфаќаат и намалување на тестирањата на учениците за сметка на комплексното проверување на резултатите од учењето, воведување служба за поддршка на талентирани, но и за ученици кои бележат послаби резултати во напредувањето, како и намалување на времето планирано за меморирање за сметка на времето планирано за истражување и проблемско учење.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG