Достапни линкови

Колку е загаден воздухот во летните периоди?


Поглед на Скопје во летен период од планината Водно. 18.07.2018

Граѓани од скопските населби Аеродром и Лисиче деновиве се жалат дека дишат загаден воздух. Некои од нив велат дека секоја вечер чувствуваат јак мирис на чад кој доаѓа од надвор. Експерти објаснуваат дека загадувањето е поврзано со изворите на загадувачи и со метеролошките услови.

Мерните станици во Скопје изминативе денови покажаа надминувања на дозволеното ниво на загадувачи во воздухот во одредени периоди од денот кои траеле по неколку часа, поради што граѓани реагираа на социјалните мрежи.

Во населбата Лисиче на 23 јули во три часот имаше загадување на воздухот со ПМ10 честички од 236 микрограми на метар кубен, потоа истиот ден во 14 часот концентрациите достигнале 73 микрограми на метар кубен, а во 21 часот 90 микрограми на метар кубен.

Во Центар на 20 јули загадување со ПМ10 честички изнесувало 90 до 186 микрограми на метр кубен, во Карпош на 22 јули 68 микрограми на метар кубен, а мерната станица во Ректорат на 19 јули околу полноќ покажала 207 микрограми на метар кубен ПМ10 честички.

Ваквата ситуација од Министерството за животна средина и просторно планирање ја оценуваат како „до некаде е нормална“, односно дека тоа се моментални надминувања на дозволените границите од одредени активности.

Оттаму велат дека за да преземат мерки за загадувањето на воздухот треба два дена по ред да има надминувања на средната вредност од 200 микрограми на метар кубен.

„Варијациите се до некаде нормали и се последица на различни активности“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Професор Пеце Ристевски, доктор по метеоролошки науки, објаснува дека загадувањето е поврзано со изворите и со метеоролошките услови.

Според него, проблем претставува проветрувањето на скопската котлина и раздвиженоста на загадувачките материи на поголемо пространство.

„При одредни состојби на изворите на загадувачките материи кои се случуваат во скопската котлина, основен услов е дневниот од на временските услови. Во текот на ноќта имаме радијационо ладење на подлогата и процеси кои се случуваат со неможност за аерација, односно прочистување на воздухот и тие загадувачки материи остануваат во котлината“, вели Ристевски и додава:

„Во текот на денот имаме други состојби: нестабилна стратификација на атмосферата, се случуваат промени и транспортот и дифузијата на загадувачките материи се случуваат побрзо и имаме можност за нестабилна стратификација“, вели Ристевски.

На 23 јули мерната станица во Центар на апликацијата „Мој Воздух“ покажа концентрации од 713 микрограми на метар кубен.

Но, креаторот на апликацијата Горјан Јовановски образложи дека вакви скокови во загадувањето се најчесто предизвикани од дефектни сензори и/или привремено загадување на сензорот од надворешни фактори, како паркиран камион или градежни работи одма до мерната станица.

„Во вакви ситуации, битно е да се испита графикот за да се види дали загадувањето е постепено (што доликува на вистински ситуации), или нагло како денес, што кажува на привремен проблем со мерењето“, објасни Горјан Јовановски креатор на „Мој Воздух.“

Македонија има сериозен проблем со загадениот воздух кој е зака за здравјето на голем број граѓани. Научните истражувања покажуваат дека аерозагадувањето на годишно ниво убива по 1.300 луѓе.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG