Достапни линкови

Политичка волја за буџетски злоупотреби


Архивска фотографија - Тендер за јавни набавки.

Добро законско решение и силна политичка волја можат да ги намалат злоупотребите во трошењето на буџетските пари, сугерира стручната јавност, по најновите сознанија за сомнителни тендери и злоупотреби на државните пари.

„Поради пoстоење одредени неправилности во документацијата, тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки и гасни анализи е прекината“, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, откако во јавноста се појавија реакции дека повеќемилионски тендер може да добие единствената фирма која се пријавила, а е формирана само пред неколку месеци.

Филипче вели дека во следниот период ќе продолжат со имплементација на планот за централизација, а со тоа и обезбедување на големи заштеди во овој дел од набавките. Тој ги повика и компаниите кои работат во оваа сфера да ги намалат цените на реагенсите, зашто, како што рече, имале разговори заради тоа што пазарните вредности се многу помали од тоа што сега во моментов се користи.

Инаку, сомнителните тендерски постапки не се непознати за македонската политика. Упатените велат дека ниту еден закон не може да гарантира дека нема да има злоупотреби во постапките за јавни набавки, но добар закон и политичка волја можат да ги намалат злоупотребите.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации вели дека лошото законско решение за спроведување на тендерите, нефункционирањето на Антикорупциската комисија и пасивното обвинителство се клучните системски слабости за склучување на сомнителни тендерски постапки.

„Сведоци сме на тендери кои упатуваат на заклучокот дека министрите и директорите на јавните институции носат одлуки во кои не се водат од јавниот интерес и тоа е загрижувачкo. Владата мора да преземе чекори со кои ќе демонстрира решителност во борбата против корупцијата, а не нејзино прифаќање како дел од начинот на владеење во Македонија“, вели Факиќ.

Новиот закон за јавни набавки се уште не е донесен, а според добро упатени извори, главниот пропуст кај него е тоа што отсуствува надзор и контрола во сите фази од спроведувањето на јавните набавки.

Покрај дискутабилните тендерски постапки, рационалното трошење на државните пари деновиве е доведено во прашање, откако јавноста дозна дека некои од фирмите кои добија државна помош во рамките на владиниот план за економски раст, се всушност фирми на владини функционери или луѓе блиски до актуелната власт. Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека на Македонија не и недостигаат добри законски решенија, туку само политичка волја и желба да се расчисти со корупцијата.

„Не само што не постои политичка волја за справување со корупцијата, туку постои политичка волја за злоупотреба на буџетските средства и апсолутно сум сигурен и стојам позади ова тврдење. Приказната се повторува. Не е дека немаме закони. Законот е добар и може да се практикува, ако има чесни и совесни луѓе во власта. Не треба да се менува ниту една запирка од законот, но проблем е тоа што тој се злоупотребува“, вели Муса.

Муса е дециден дека одговорност за евентуалните прекршувања на законската процедура мора да има.

„За ваквите случаи најважна е моралната, односно политичка одговорност, ако сме демократска земја, во која важат моралните вредности. Второ, мора да се гонат кривично тие кои го злоупотребиле законот. Ако не, ние ќе се вртиме во круг, еве веќе 30 години постојано зборуваме за злоупотреби, обвинувања, амнестирања на криминалците и слично“, заклучува Муса.

Под притисок во јавноста, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги повика косопствениците на неговите фирми да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат. Претходно, медиумите известија дека токму една од фирмите која доби државна помош е „Каст инвест“ и таа се јавува како трет сопственик „Брако“ во која сопствеништво има токму вицепремиерот Анѓушев. Прилепската печатница „Гинис“ државата ја помага исто така со 160 илјади евра за проект наречен „Гинис принт 2018“, а како косопственик во истата е пратеникот од СДСМ Хари Локвенец. „Слободен печат“ исто така влезе во листата на фирми кои помогнати со 160 илјади евра од државата и три пати повеќе свои пари ќе гради хала и ќе купува печатарски машини.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG