Достапни линкови

Јавни пари за приватни џебови


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Во земјите од Западен Балкан не се подобрува состојбата со јавните набавки, ниту пак има напредок во справувањето со корупцијата, покажуваат меѓународни истражувања. Најмалку една четвртина од парите коишто се трошат за јавни набавки завршуваат во приватни џебови.

За еден килограм пилешки стек ученички дом во Битола платил 172 денари, додека детската градинка од скопската општина Карпош, потрошила речиси двојно повеќе државни пари за набавка на еден килограм пилешко филе. Осум институции во земјава за набавка на еден килограм пилешки стек платиле во просек 244 денари, што во основа за тие пари може да се купи и во малопродажба. А токму тука се крие нелогичноста, затоа што пазарната логика вели дека производите кои се купуваат на големо се поевтини, но нашите институции најчесто ги плаќаат поскапо од цената во продавница.

Мерките се тука, регулативата е тука, имаме планови програми, меѓута реализацијата како на сите да ни фали, и мониторинг на спроведувањето на антикорупциската политика. Значи едно е да имаш политика, второ е да ја спроведеш, трето е некој да те надгледува како ја спроведуваш и тоа треба да е независен мониторинг.
Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.

Последната анализа на јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации покажува дека општините платиле и различна цена за авионска дезинсекција на комарци. На пример Општина Крива Паланка платила за десинсекција по 447 денари за еден хектар, додека пак Град Скопје 176 денари за еден хектар.

Според податоците од Бирото за јавни набавки Државната изборна комисија ќе потроши 8,5 илјади евра за таблет компјутери. Тоа значи дека еден член на оваа комисија ќе добие таблет во вредност од 700 евра. Во малопродажба најевтин таблет компјутер чини од 50 евра па нагоре.

Герман Филков и Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации
Герман Филков и Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации

Во електронскиот систем за јавни набавки осамна и информација дека Електрани на Македонија ќе платат 40 илјади евра само за надзор за изградба на пешачко-велосипедска патека на езерото Козјак.

Пратениците годишно трошат по десетици илјади евра државни пари на патни трошоци. Неодамна едно истражување на СКУП покажа дека за изминативе десет години пратениците го искористиле законското право да потрошат над 7 милиони евра само за користење на своето возило за на хартија заведени службени потреби, кои во пракса тешко се докажуваат. Па така на пример еден од најтивките пратеници од дијаспората Васко Наумовски минатата година потрошил 16 илјади евра на патни трошоци. Во јавноста се појавија критики дека поевтино би го чинело пратеникот од Австралија да доаѓа со автомобил на собраниските седници.

Во последните четири години македонските институции трошат редовно по речиси една милијарда евра од буџетот за јавни набавки од кои една третина отпаѓаат на услуги, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Паралелата Македонија и Црна Гора на тема корупција е дека отприлика корумпирани сме и едните и другите до гуша, и имаме многу јасни структури внатре во власта, и едните и другите, во кои е поставена олигархијата, која очигледно не профитира само од јавните набавки, туку и во многу други сектори, која и те како остварува финансиска добивка.
Вук Мараш, Аантикорупската мрежа за борба против корупција во Црна Гора.

Институциите игнорираат корупција

Големите пари кои што се вратат во јавните набавки, како и проблематично спроведените тендери со по само една фирма, честопати отвораат сомнежи за корупција.

Во извештајот на Европската Комисија, е наведено дека антикорупциската комисија, полицијата и обвинителство треба да покажат повеќе политичка волја за да се борат против корупцијата, што е различно од претходните години, затоа што овој пат ЕК ги повикува институциите да си ја вршат подобро својата работа.

„Мерките се тука, регулативата е тука, имаме планови програми, меѓута реализацијата како на сите да ни фали, и мониторинг на спроведувањето на антикорупциската политика. Значи едно е да имаш политика, второ е да ја спроведеш, трето е некој да те надгледува како ја спроведуваш, и тоа треба да е независен мониторинг. Е тука веќе мислам дека ќе се затвори системот и ќе може точно да се лоцираат црвените светла за да се увиди каде нешто не функционира во борбата со корупцијата“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. Тој како акутни проблеми во јавните набавки ги нотира давањето согласност за набавки од страна на Советот за јавни набавки, недоволната транспарентност и недостатокот на конкуренција.

Вук Мараш.
Вук Мараш.

Советот кој беше основан за да ја зголеми конкуренцијата во набавките засега не ги даде очекуваните резултати. Советот од институциите за шест месеци собрал дури 1,2 милиони евра за оценување на конкурентноста на условите во тендерите. Сето ова го отвора прашањето дали парите на граѓаните се трошат ефективно, изјави Филков на дводневната конференција во Белград.

Да ја демистифицираме корупцијата, таа постои сигурно на исто големо ниво и во приватниот сектор, само што се разликува од корупцијата во јавните набавки затоа што тоа се пари на народот.
Стефан Радуновиќ, претседател на здружението на професионалци за јавни набавки.

„Годишно до Советот се поднесуваат околу 20 илјади барања за согласност што значи дека се одолговлекува траењето на постапката од донесување на одлука за набавка до доделување на договор, дополнително нарачателите вкупно годишно плаќаат над два милиони евра за ангажирање на стручни лица,а најголем де л од нив овие пари ги двојат од парите наменети за јавни набавки со што за толку пари се скратуваат набавките. Накратко ние мислиме дека Советот претставува непотребно финансиско, кадровско и временско оптоварување на јавните набавки и Советот не само што не ја зголеми конкуренцијата како што беше планирано со неговото формирање, туку дополнително за една и пол година колку што постои ја намали конкуренцијата. “

Неопходни измени на Законот за јавни набавки

Еден од клучни наоди од мониторингот на постапките за јавни набавки е ниското ниво на конкуренција, со што, како што наведуваат од Центарот, „се доведува во прашање ефективноста во трошењето на јавните пари“.

Неопходни се измени на Законот за јавни набавки со цел да се усогласи со европското законодавство, а тоа значи да се врати стариот член со кој се бара економски најповолна понуда, односно да се внимава и на квалитетот, а не како досегашниот основен критериум – најниска цена. Потоа да се средат некои работи околу црните листи за фирмите, со забраните за учество на тендери ако направат прекршок, меѓу кој спаѓа и повлекување на понуда или неприфаќање на услови за договор.

Годинава стануваат задолжителни електронските јавни набавки, иако такво нешто во Европската унија не е задолжителна обврска. Досегашната пракса покажа дека е-аукциите не секогаш даваат како резултат пониски цени, затоа што честопати и нема голем број на понудувачи.

Според истражувањето на Евробарометар за 2013 година, три од десет компании во Европската унија се жалат на корупција во јавните набавки. Најчесто жалби поднесуваат градежните компании. Истражувањето покажало дека најчестите механизми кои ги користат институциите се подесување на техничките спецификации во тендерите според фирмата која треба да го добие тендерот, потоа е конфликтот на интереси, тајните договори, нејасно поставените критериуми, злоупотреба на преговарачките постапки како и злоупотреба на итноста како оправдување за отсуство на процедура.

Државниот завод за ревизија често констатира неправилности во спроведувањето на јавните набавки од институциите. Ревизорите минатата година кај 80 субјекти направиле ревизија на внатрешна контрола за спроведување на јавни набавки. Резултатите покажуваат дека 8 проценти од корисниците на пари од буџетот склучиле договори надвор од тендерот и реализацијата се врши согласно така склучените договори.

„Кај субјектите корисници на средства од буџет, ние ги викаме единки корисници на буџет, тие се сите корисници на буџет освен министерствата, веднаш може да забележиме дека резултатите се сосема поинакви, кај 60 проценти од ревидираните субјекти, донесени се планови за јавни набавки согласно потребите на субјектот, што значи дека кај 40 проценти состојбата е обратна. Кај 90 проценти од ревидираните, склучените договори се во согласност со тендерите и за жал само кај 60 проценти од нив реализацијата е во согласност со склучените договори“, вели Цвета Ристовска, помошник на генералниот државен ревизор.

Македонија троши најмногу пари од буџетот за јавни набавки

Според податоците од истражувањето „Balkan tender watch“ спроведено од невладини организации кои се занимаваат со мониторинг на јавни набавки, Македонија троши најмногу пари од буџетот за јавни набавки, односно 34 проценти од државните пари одат за тоа, додека во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, за јавни набавки се трошат просечно околу 25 проценти од државниот џеб.

Македонија во последниве години троши најмногу пари на јавни набавки во регионот изразени како процент од БДП. Имено според регионалните податоци, во 2014 земјава потрошиле 12 проценти од БДП за јавни набавки наспроти Србија која потрошила 7, 7 проценти, Босна со 8,1 и Црна Гора 9,6 проценти од БДП за јавни набавки.

Во прислушуваните разговори кои минатата година ги објави опозицијата се слушаа разговори меѓу функционери за сомнителни тендери. Најгласно одекнаа бомбите за провизијата од неколку милиони евра за изградба на автопатите, за опремата за прислушување, за набавки на РЕК Битола како и за сомнителни тендери кои наводно ги склучил градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Иако земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, веќе го имплементираат електронскиот систем на Јавни набавки, сепак тоа не значи и дека е обезбедена целосна и потребната транспарентност и елиминирање на факторот „корупција“.

Корупцијата како кривично дело, е едно од најкомплексните криминали и честопати во јавноста се доживува како лов на вештерки. Тоа е бизнис од милиони евра за чие истражување и санкционирање е неопходно добро квалификуван тим на истражители.

Бронзен медал за Груевски за промоција на криминал и корупција

Годинава мрежата за известување за организиран криминал излезе со ранг листа на која црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ го освои златниот медал поради промоцијата на криминалот и корупцијата.

По него на листата се роднините на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев кои поседуваат голем удел во економијата и ја ограбуваат државата на сметка на сопственото богатење, е наведено во нивното соопштение. А третото место за прв пат го доби Македонец. Бронзениот медал му припадна македонскиот премиер Никола Груевски кој ги прислушуваше новинарите и опозицијата, ги гонеше политичките противници и учествуваше во прикривање убиства, се вели во соопштението на OCCRP.

Корумпирани до гуша

Претседателот на антикорупската мрежа за борба против корупција во Црна Гора Вук Мараш вели дека земјите од Западен Балкан имаат речиси исти проблеми кога станува збор за корупција.

„Паралелата Македонија и Црна Гора на тема корупција е дека отприлика корумпирани сме и едните и другите до гуша, и имаме многу јасни структури внатре во власта, и едните и другите, во кои е поставена олигархијата, која очигледно не профитира само од јавните набавки, туку и во многу други сектори, која и те како остварува финансиска добивка. А од друга страна нема никакви кривично правни последици за сите тие луѓе. Тие и натаму се заштитени од кривичен прогон, поради слабите институции, поради недостаток на политичка волја и страв од челниците на клучните институции во нашите земји, за гонење на тие луѓе кои ги зеле парите од народот и тие што ја злоупотребиле службената должност, а сепак тука зборуваме за луѓе од врвот на власт во сите сектори.“

Мараш додава дека проблем е тоа што институциите не си ја работата својата основна задача.

„Примарно проблем е тоа што нема контрола, а тоа е исти случај и во Македонија. За голем број на случаи на јавни набавки кога би имало контрола, би можеме да кажеме ова или она не функционира и поединци тогаш ќе ги носат последиците веднаш штом се случи тендерот, а не една година подоцна или две години подоцна или кога државниот ревизор заврши со својата ревизија и во извештај ги објави наодите.“

За пелелник 750 евра, за канта за отпад 800 евра

Минатиот месец невладиниот сектор во Босна и Херцеговина организираше изложба под мотото „Ние ја плаќаме цената“ на која беа претставени предмети кои институциите ги набавуваат за неколкукратно повисоки цени. Со прашањата дали купивте годинава пепелник вреден 750 евра или канта од 800 евра за вашиот дом? Дали вашиот ручек чини над 100 евра?, невладниот сектор се обиде да им ја доближи на граѓаните суштината во измамите кои институциите ги прават преку јавните набавки, укажувајќи дека за тие набавки веќе платиле.

Изложба - како политичарите во БиХ ги трошат јавните пари?
Изложба - како политичарите во БиХ ги трошат јавните пари?

Тие посочуваат дека граѓаните не се свесни дека така се потрошни нивните пари односно дека институциите тоа го направиле наместо нив со парите од данокот во нетранспарентен процес при јавните набавки.

Според истражувањата, лани само 25 отсто од јавните набавки во БиХ се спроведени во транспарентен и отворен процес, односно 75 отсто се договарани зад затворени врати.

Борбата против корупцијата завршува на хартија

Еден од главните заклучоци на дводневната конференција во Белград за подобрување на системот на јавни набавки и намалување на корупција е дека политичарите во земјите од Западен Балкан не сакаат да инсталираа квалитетни институции кои ќе ги гонат нив поради корупција. Честопати се препишуваат закони од земјите од ЕУ со цел да се прикаже дека има волја за подобрување на состојбите, но секогаш работата завршува тука на хартија.

Секој закон за јавни набавки е добар закон, затоа што е регулира материја која треба да биде регулирана, и подобро е да го има отколку да го нема вели Стефан Радуновиќ, претседател на здружението на професионалци за јавни набавки. Но проблемот е во тоа што институциите кои треба да го спроведуваат законот или немаат доволно пари за работа, или немаат доволно квалитетен кадар, па корупцијата си постои во јавните набавки поради големите пари кои се вратат во овој сектор.

„Она што е најзначајно за јавните набавки и за намалување на корупцијата во јавните набавки не се самите прописи, институции задолжени за јавни набавки. туку органите за гонење и казнување кои ефикасно ќе ги казнат оние кои направиле криминал поврзан со јавните набавки, кога ќе се создаде таква можност, без разлика како изгледа регулативата за јавните набавки и тогаш недозволените активности во тој сектор ќе бидат намалени. Да ја демистифицираме корупцијата, таа постои сигурно на исто големо ниво и во приватниот сектор, само што се разликува од корупцијата во јавните набавки затоа што тоа се пари на народот. “

Радуновиќ додава дека мал е процентот на покренати постапки кон корупмираните кои ја злоупотребуваат службена должност.

„Пред се тоа се прекршочни дела а кај некои и кривични, но работата е во тоа е дека ако корупцијата е голема колку што се вели околу 700 милиони евра, само мал дел од тоа е прекршочно или кривично докажан и осуден, што тоа значи дека ако претпоставката за 700 милиони евра е точна, тогаш многу мал дел е влезен во судскиот систем.“

Предминатата година истржувањето на регионалните невладини организации кои се занимаваат со мониторинг на јавни набавки, покажало дека околу 700 милиони евра годишно завршуваат во нечии џебови. Според проценките на Мараш, оваа сума на пари е загубена преку јавните набавки што се спроведуваат во четири земји од Западен Балкан: Србија, Македонија, Црна Гора и Босна. Истражувањето за одливот на пари веќе било спроведено на ниво на Европската унија. Податоците покажале дека 18 проценти од парите што се вртат преку јавните набавки завршуваат во „бунар“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG