Достапни линкови

Сè се врти околу референдумот


Лидерска средба во проширен состав за референдумското прашање за Договорот со Грција за името

Лидерските за референдумското прашање, недоразбирањето меѓу фоторепортерите и владиниот советник за медиуми и наводните индиции за руско финансирање на насилни протести во Македонија, се топ теми во медиумите.

Да, веста дека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски ја напушти лидерската во Клубот на пратениците, а дека таа продолжила и без него, веројатно сите ја прочитаа или слушнаа.

Нова Македонија напиша: „ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија лидерската средба, бараат нова во понеделник“. „Мицкоски замина, лидерската средба продолжува“, наслови Независен. Вечер избра наслов со цитирање на одговорите на премиерот Заев на новинарските прашања на пресот по лидерската: „Законот е консултативен референдум, можно прашање: ’Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција‘“. Слободен печат, насловувајќи ја информацијата „Заев објави можно референдумско прашање, нова лидерска напладне“, ја дополнува со зборовите на премиерот дека е разочаран што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштил средбата и дека тоа е „несериозно, неодговорно и навредливо кон претставниците на сите политички партии присутни на разговорите и кон граѓаните“.

Фоторепортерски бунт

И се чини вообичаено секоја лидерска средба кај нас да е придружена со некакви, најблаго речено, недоразбирања со новинарите и фото-репортерите. Безбедносните служби и полицијата сметале дека од безбедносни причини не може да се фотографира доаѓањето на лидерите на средбата на излегување од автомобилите, туку за тоа имало место внатре, но тројца фоторепортери протестирале и во знак на протест ги оставиле фотоапаратите пред влезот во Клубот на пратениците. Ова го објавуваат сите електронски изданија на печатените медиуми. Е потоа, на ФБ се огласил советникот за медиуми на премиерот, Марјан Забрчанец со објаснување зошто се случило тоа и дека не е вистина дека на фоторепортерите им било забрането да си ја вршат работата. Вака објави Нова Македонија. Истиот весник го објавува и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека „Заканите и навредите кон медиумите се закани кон јавноста и го покажуваат немањето демократски капацитет на владејачката гарнитура“. Вечер наслови: „Заев да се извини за недоличното однесување кон фоторепортерите, побара ВМРО-ДПМНЕ“. И Вечер и Нова Македонија ја објавија и осудата од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на ароганцијата врз фоторепортерите со барање Владата итно да го расчисти инцидентот.

ЕУ, НАТО и Русија

Независен и Вечер информираат за неодамнешната посета на еврокомесарот Хан со што официјално почнаа скринингот и подготовките за старт на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Независен се определи за наслов: „Хан во Скопје, референдумот ставен на колосек“. Вечер го цитира Хан: „Вратите на ЕУ се отворени, одлуката зависи од вас“.

И некако паралелно со овие збиднувања, се одвива и размотувањето на клопчето за наводните индиции дека „проруски бизнисмени финансирале македонски политичари и разни партиски здруженија за насилни протести против членството на Македонија во НАТО според признанијата на некои приведени од навивачката група ’комити‘ по протестот пред Собранието“, како што изјави премиерот Заев за американскиот Базфид. Нова Македонија ја објави изјавата на портпаролката на руското МНР, Захарова: „Неосновани се обвиненијата од Македонија за вмешаноста на Русија во протестите“. Вечер ја објавува реакцијата на руската амбасада во Скопје: „Изјавата на Заев е политички неодговорна“. Независен објави наслов: „Влезот во НАТО поплочен со руска калдрма“.

Истиот весник ја објави и информацијата со наслов: „Владата со детали за прославата: Изведувачите знаеле дека ќе пеат за поканата за НАТО; прославата изнесувала вкупно 178.500 евра“. Нова Македонија наслови: „Уставниот суд на Грција го отфрли барањето за суспендирање на Договорот од Преспа“ од страна на Федерацијата на културните здруженија на Македонците и Пан-Македонските асоцијации на Македонците од дијаспората.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG