Достапни линкови

Oпштина Тетово отвори повеќе инфраструктурни фронтови


Булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово.

Градските власти работат на пробивање булевари и улица, а ќе се гради и мост за да се надмине метежот во градот. Во делови на општината на сообраќајната инфраструктура не е работено со децении.

Во ист период оваа градежна сезона Општина Тетово започна со работа на повеќе патни делници кои треба да придонесат за подобра сообраќајна инфраструктура и намалување на метежот низ улиците. Се работи на пробивање булевари и улица, градење мост и најава за реконструкции на други делници. Веќе се урнаа две од дваесетина куќи за пробивање на булеварот Благоја Тоска, што се смета за еден од приоритетите во насока на подобрување на состојбите во сообраќајот. Сепак роковите не се познати, а градоначалничката изразува надеж дека тоа ќе биде набргу.

На булеварот Благоја Тоска, околу 80 проценти во делот на експропријација веќе завршивме, до текстилно училиште. И ќе го заокружиме делот на експропријација. Додека трае експропријацијата, веќе почнавме од таму каде што сме завршиле, со рушење и отворање на трасата. Сметам дека многу брзо, во текот на оваа година, се надевам, дека ќе завршиме и ќе можеме да го изградиме до текстилно. Додека за булеварот Видое Смилевски – Бато, тоа е еден чекор поназад. Сме во процедура за добивање на потписи. Таму имаме многу помалку експропријација“, рече градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Се работи и на улица кој треба да ги поврзе населбата Дреновец и месноста Стара Циглана со градот во северниот дел кај делот на касарната. Најава на локалната самоуправа има и за викенд населбата Попова Шапка каде на сообраќајната инфраструктура не е работено со децении.

„На повикот што Владата го објави и траеше до средина на мај Општина Тетово заедно со Центарот за развој на полошкиот плански регион се пријави со проект за реализација на канализација и на комплетно реновирање на патот до викендичките на Попова Шапка. Исто така е предвидена реализација на отворениот паркинг на оваа локација. Вредноста на проектот со која ние сме конкурирале е еден милион евра и веќе ја помина првата фаза на квалификација. Одиме на втората фаза на квалификација. Се надевам дека ќе има слух имајќи го предвид фактот дека се работи за туристичка дестинација која е важна за општина Тетово, бидејќи е најблиска, а важна е и за државата, бидејќи скијачкиот центар е најблиску до скопскиот аеродром“, истакна градоначалничката Теута Арифи.

Општината потпиша договор и за градење на мост меѓу Шипковица и Бродец.

XS
SM
MD
LG