Достапни линкови

Обновувањето на изгорените шуми ќе трае над десет години


Армијата на Република Македонија гасне шумски пожари.

До крајот на минатиот месец во Македонија изгореле 2392 хектари шума, односно била опожарена дрвна маса од вкупно 11.169 илјади метри кубни. Познавачите велат дека обновувањето на изгорените шуми ќе трае најмалку десет до 15 години.

Во моментов во Македонија горат 15 пожари, а од почетокот на август до денеска на територијата на земјава имало вкупно 27 пожари, велат од Македонски шуми. Оттаму наведуваат дека статистичките податоци за вкупната површина на изгорени шуми и изгорена дрвна маса од овој месец, ќе ги објават откако пожарите ќе бидат изгаснати.

Од Македонски шуми информираат дека според дефиницијата за шумски пожари, до крајот на месец јули во Македонија имало 164 шумски пожари на површина од 2392 хектари и опожарена дрвна маса од вкупно 11 илјади и 169 метри кубни.

Моментално пожари има во Чашка кај Јасенова глава, во Караџица кај Градманци и во Караџица кај Никиштани, во Скопје кај Маркова Река кај местото Бразда, во Тетово кај село Копаница и кај Жеден, во Кичево кај Лавчани, Прилеп кај Никодин и во Мариово, Кавадарци на вливот на Црна Река во Теквешко Езеро кај селото Калишта и уште четири пожари во Македонски Брод.

Дрвото е обновлив ресурс и загадувањето на воздухот од пожарите не треба најмногу да загрижува, но штетите во целокупната околина од аспект на растителен свет и биодиврзитетот се непроценливи, вели Анела Ставревска Панајотова, која е советник за шумарство во граѓанската Организација за поврзување на природни вредности и луѓе.

„Климата во Македонија се менува, станува се потопло, а зимите постудени и шумите немаат капацитет да се обноват толку брзо како што некогаш имале, бидејќи климата станува понеповолна. Оние шуми каде што се појавуваат пожарите најчесто се деградирани шуми, односно ниско стеблени дабови шуми во коишто многу тешко потоа може да се надокнади прирастот на самата шума“, вели Ставревска Панајотова.

Таа објаснува дека за обновувањето на изгорените шуми ќе бидат потребни минимум од десет до 15 години, бидејќи како што вели, природата нема капацитет брзо да го надокнади изгубеното поради намалените количества на вода. Таа додава дека пожарите се случуваат во предели коишто се природно сушни, а со климатски промени се посушни стануваат и летата во земјава.

„Бидејќи количеството на дожд во последните години во летните периоди е се помало, а зимите се поостри, шумата нема регеренативна способност како што некогаш имала, особено дабовата шума, бидејќи навистина летните периоди се сушни“, вели Ставревска Панајотова.

Таа истакнува дека ако проценките се дека десетина години ќе бидат потребни за обновување на изгорените шуми, многу е веројатно во една од тие десет години повторно на истите локации да се појават пожари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG