Достапни линкови

Спорот за името и протестите во Грција главна тема во дневниот печат


Протест во Пела за зачувување на „грчкиот карактер на Македонија“

Очекувањата за телефонски разговор за спорто за името меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и протестите за „зачувување на грчкиот карактер на Македонија“, се главни теми во дневните весници.

Дали „До крајот на неделата Заев и Ципрас ќе се разберат за името – Еден повик менува сè“, како што наслови Слободен печат, останува да се види, но затоа температурата во јавноста и кај домашната и во Грција е крената.

Грчките медиуми пишуваат, нашите пренесуваат. Весниците во Грција, на пример, излегле со најави дека за денеска, четврток, се очекувало да има брзи промени во преговорите за името, барем според пишувањето на Та неа, што го пренесува Вечер. Според грчкиот весник, премиерот Зоран Заев требало да се изјасни за предлогот „Република Северна Македонија“, без превод, предлог што наводно бил договорен меѓу министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот Метју Нимиц во Њујорк. Доколку одговорот биде позитивен, тогаш Заев ќе имал телефонски разговор со грчкиот премиер, го пренесува Вечер пишувањето на грчка Та неа.

Нова Македонија пренесува дека една од темите за кои во Атина разговарале поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос и вселенскиот патријарх Вартоломеј била МПЦ-ОА и црковното прашање. Средбата се одржа само неколку дена по соопштението на Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на вселенскиот патријарх ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“, пренесува Нова Македонија.

Нова Македонија пренесува и дека лидерот на грчката опозициска Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, не ги прифаќал македонската националност и јазик.

„Цела Грција на нозе – протести во 24 градови за одбрана на ’грчкиот карактер на Македонија‘“, наслови Вечер, информирајќи за протестите во средата во соседна Грција.

Вечер исто така пишува: „Македонците не се откажуваат од летување во Грција и покрај протестите против нас“, пренесувајќи изјави од повеќе домашни туристички агенции дека има повеќе туристи во грчките летувалишта, а допрва тргнуваат и нови тури од Македонија.

Нова Македонија ја пренесува изјавата на заменик министерот за транспорт на Грција, Маврагинис, од партијата Независни Грци, дека „Скопје денес е мала државичка, но утре не се знае“, па затоа неговата партија останувала на позицијата против сложено име со терминот Македонија.

Независен и Вечер ја цитираат изјавата на помошникот државен секретар во Стејт Департментот, Вес Мичел дека „САД водат тивка дипломатија во спорот за името“.

„Нема да аплаудираме ако Македонија стане дел од НАТО, ја пренесува Вечер изјавата на рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов на средба со новинари за што информира дописничката на МИА од Брисел.

Електронските изданија на домашните медиуми пишуваат и за оценката на вицепремиерот Анѓушев дека првиот квартал од 2018 година во споредба со истиот период лани бележи пораст во сите економски сфери, освен во градежништвото – ниска градба.

Независен наслови: „Три месеци во ’џебот‘ на претседателот: јазиците не можат да дишат од Иванов“, пренесувајќи го премиерот Заев дека на неколку средби се обидел да го мотивира претседателот на државата да го потпише Законот за јазиците и да дозволи за неговата уставност да одлучува Уставниот суд.

Пријатно е да се прочита дека светски познатото списание „Нејшенел џеографик ја прогласи Галичка свадба за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа“, наслови Вечер и додава дека претходно и магазинот Њујорк тајмс одреди девет европски фестивали кои им ги препорачува на секој турист, меѓу нив и нашата Галичка свадба.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG