Достапни линкови

Сериозни забелешки за изградбата на гасоводот низ Водно


Трасата за гасоводот низ планината Водно. Извор: „Го Сакам Водно.“
Трасата за гасоводот низ планината Водно. Извор: „Го Сакам Водно.“

Додека граѓански организации се противат на изградба на гасовод во Парк-шумата Водно, властите смируваат дека штетата ќе биде минимална. Реакциите доаѓаат откако во март годинава на Водно беше забележана градежна механизација за изградба на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

Процесот за добивање на одобрение за изградба на гасовод низ Парк-шумата Водно во должина од 11 километри, е започнат уште во 2010 година, велат од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“.

Тие објаснуваат дека Водно е избрано од пет можни варијанти, а одобрението за градење е дадено во 2016 година. Според нив единствена „навидум“ оправдана причина за трасата низ Водно, е брзата и лесна експропријација на земјиштето.

Од иницијативата, во која се вклучени девет граѓански организации за заштита на Водно, велат дека процесот се одвивал карајно нетранспарентно, се до појавата на градежната механизација оваа година и по реакциите на граѓаните.

„Точно е дека се одржале „јавни“ расправи, но истите биле со статисти, односно само со луѓе кои требало да бидат присутни и тоа пред сѐ само за да се запази законската форма. Вистинска транспарентност во самата постапка немало, затоа што покрај јавност не е побарано ни мислење на Град Скопје“, вели Андреа Јанков од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно.“

Јанков посочува оти со оглед на тоа дека станува збор за инфраструкторен објект од државно значење, одобрението за градба на гасоводот го издало Министерството за транспорт и врски, но како што објаснува, за време на добивањето на одобрението потребно било да бидат консултирани надлежните од Град Скопје за мислење.

„Град Скопје никогаш не било консултирано за време на добивањето на одобрението, туку тоа е сторено отприлика по една година откако одобрението веќе станало правосилно. Одобрението е правосилно од декември 2016 година, а прв пат мислење е побарано од страна на Македонски енергетски ресурси (МЕР) према Град Скопје во декември 2017 година, при што Град Скопје дал негативно мислење и се изјаснил да се преиспита трасата и да се најде алтернативна која не би поминувала низ Парк-шума Водно“, вели Јанков.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по барањето од граѓански организации да се промени трасата за изградба на гасоводот која минува кај Водно изјави дека ќе биде минимизирано какво било оштетување на шумата кое ќе биде компензирано.

Според Анѓушев, потребно е да се изнајдат сите средства со цел максимално да се заштити зеленилото и шумата на Водно и во таа насока се прават одредени дејствија. Промената на трасата, како што наведе, ќе го одложи градењето на гасоводот и снабдувањето со гас на одредени региони во Македонија на подолг период.

Но, Јанков вели дека не е можно да се минимизираат штетите од гасоводот, ниту пак може да стане збор за ревитализација на оштетеното подрачје.

Тој објаснува дека е предвидено трасата да биде широка 25 метри и оти било понудено таа да биде стеснета на 15 или 10 метри каде што е тоа можно.

„Нејзината должина изнесува 11 километри, 5 по сртот од кои повеќе од 4 низ висока шума од црн бор, габер, брези. Чисто илустративно, намесето на сртот да качиме нешто со ширина на булевар Партизански одреди, сега се предлага како компромис да се качи Илинденска“, вели Јанков.

Од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“ наведуваат дека нивниот став е против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно, откако ја разгледале документацијата која им била доставена и отакако разговарале со претставници на Македоснки енергетски ресурси (МЕР), Министерството за транспорт и врски, советници на премиерот и Град Скопје, но и со компаниите „Простор“ ДОО Куманово која ја изработила физибилити студијата, идејниот проект и надзор, „Чакар Партнерс“ ДОО Скопје – основен проект, и изведувачот „Рапид Билд“ ДОО Куманово.

Причините за противењето, како што велат, се дека Парк-шумата Водно е заштитено подрачје, дека постои алтернативна траса и оти постојат недоследности во документацијата.

„Со оглед дека постои алтернативно решение кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шума Водно се неоправдани“, наведуваат од иницијативата „Го Сакам Водно.“

Јанков истакнува дека според него главната причина за изборот на трасата низ Водно е економска, односно за да не се троши време и пари во експропријација и наоѓање подобро техничко решение кое ќе донесе поголем бенефит на долг рок.

„Поради кратокорочно размислување, би се уништило нешто што е создавано голем период наназад. Мора да се напомене дека, и да се изгради гасоводот на Водно во должина од 11 километри, за експропријација ќе останат уште 45 километри на самата делница, плус 11 км од кракот за Тетово, затоа што се изградени само 22 км до сега“, вели Јанков.

Иницијативата бара да се најде решение за гасоводната траса која нема да ја опфаќа територијата на Парк-шумата Водно додека не биде предоцна, бидејќи сметаат оти нема да има враќање назад доколку се спроведе таква грешка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG