Достапни линкови

Саздов - Мора сериозно да се внимава на Водно


Интервју со Методија Саздов
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:30 0:00

Интервју со Методија Саздов

Имаме пријава за свлечиште на патот што се гради кон Сончев Град. Градењето на ски-патека е многу проблематично, вели Методија Саздов од НВО Македонски зелен центар во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Саздов, како е да се биде на ваше место, да се биде еколог во ситуација кога Скопје го доживува својот максимум на загаденост во последните неколку години? Се добива впечаток дека тие што се најповикани не се доволно присутни или не во онаа мера како што тоа се прави во земјите што имаат влијателни еколошки движења.

Донекаде би се сложил, но донекаде и не. Јас и лично веќе 12 години сум вклучен во сите активности поврзани со проблемите со животната средина, како во Македонија, така и во градот Скопје. Значи 12-13 години алармираме, ја подигнавме јавната свест, но верувајте дека секогаш се очекува некој друг да ја заврши работата. Граѓанските организации напорно работат и покрај фактот што не секогаш обезбедуваат финансии, па мора про боно или на свој трошок да завршат некои обврски, меѓутоа верувајте, на повеќе теми, веќе постојат неколку коалиции, само за да ги споделат искуството и ресурсите. Ние буквално не можеме да стигнеме, значи од локалните проблеми до она што сега се вика спроведување на ЕУ легислативата.

Кај нас сега се отворени повеќе теми, повеќе прашања во однос на екологијата. Актуелно е Водно, дали битката за Водно доживеа пораз, затоа што патот кон Сончевиот Град веќе се гради. Како тоа сечење на шумата ќе се одрази врз планината?


За Водно постојат неколку проекти што се случуваат или се најавени. Јас сум против некои од проектите. Конкретно највеќе би ми пречел проектот што е најавен, а не е започнат, тоа е изградбата на ски-патека. Јас тука мислам дека не е добро да се гради од повеќе аспекти. Прво затоа што ќе се уништи дел од Водно, второ, мислам дека ќе биде економски комплетно неисплатлива, трето, затоа што ќе влијае негативно на регионалниот развој што се предвидува со изградбата на нови помали скијачки центри во помалите места како Крушево, Пониква, Берово, Голак. Значи, со тоа ќе им се одземат дел од тие клиенти што би оделе таму. Значи јас сметам дека за сметка на тоа треба да се инвестира во нешто друго. Во делот што се однесува за патот што води кон Сончев Град, јас сум директно засегнат, мене ми боде очи затоа што живеам во непосредна близина, меѓутоа до нашата организација веќе стигнаа две-три поплаки во однос на изградбата за појава на свлечиште кое што се јавува некаде над Теферич или над Пржино, така што нашата организација веќе реагираше до одговорните лица да проверат и да се спречи понатамошно уништување или појава на свлечиште кое ќе може во иднина дополнително да влијае. На Водно постојат три порои, Водно е вештачка шума, мора сериозно да се внимава на Водно.

Имате ли сознанија што ќе предизвика градењето на кулата на Водно. Дали ја консултиравте науката за да настапите со аргумент дали тоа ќе има последици врз шумата?

Самата кула се прави на врвот на Водно каде што пределот е каменест, нема шума во делот каде што се гради, но урбанизацијата на тој дел и правењето на таа кула достапна за пошироката јавност, преку пат, преку организирани тури и слично, би можела да ја уништи шумата на Водно, бидејќи зголемен број на луѓе значи и повеќе отпад, значи и поголема негрижа, така што јас се надевам дека патот ќе си остане така како што е сега, со дозвола за возење само за воената служба и за специјални случаи и дека секој што сака да оди кај кулата ќе може да оди само со жичарница или пеш.

Друг исто така голем проблем е изградбата на хидроцентралите. Дали и во овој случај имате консултирано научници за тоа кои се спорните работи во тој дел и дали тие ќе уништат дел од националниот парк?

Двете хидроцентрали што се предвидени да се градат, а тоа се Луково Поле и Бошков Мост, се апсолутно 100 проценти во Националниот парк Маврово. Тоа строго заштитено подрачје е дефинирано уште во 60-тите години од минатиот век, како важно за природата таму, со тоа што сега тоа подрачје делумно би се уништило. Директно се влијае на биодиверзитетот, на одредени ендемични видови како што е рисот, а проблем кој што еве не се дискутира е што во фаза на градба на тие хидроцентрали не важат правилата на заштитено подрачје. Проблем е исто така што повторно ќе се одведуваат води од сливното подрачје на Радика и ќе се пренесуваат во сливното подрачје на Вардар, што за мене е проблем. Јас во еден разговор спомнав дека се предвидува рафтинг на Радика, а повторно одведуваме води од Радика каде што има сè помалку вода. Една од битките што ги извојувавме, да кажам, е тоа што Светска Банка во однос на Луково Поле веќе го иззема од проектот делот на води коишто се под Пројфел или Длабока Река. Работиме на случајот, генерално секаде во свет моментот на хидроенергија не се гледа како одржлив, треба да се види и што се уништува при создавањето на таа хидроенергија

Дали пролонгирањето на рокот за набавка на филтри на големите загадувачи, во случајов на две компании, е нешто што треба да се почитува и да се застане тука, без натамошни реакции од еколозите, бидејќи директно се засегнати граѓаните?

Прво, ние бевме буквално пресреќни кога не го продолжија рокот за спроведување на оперативните планови на компаниите за придржувањето кон тие еколошки стандарди, иако длабоко во себе и јас бев лично свесен дека некои од компаниите нема теоретски шанси да ги исполнат тие услови, од аспект на финансии најпрво и од аспект на имплементација на самата активност којашто требаше да ја спроведуваат, меѓутоа беше добро што им се даде краток рок и не се продолжи затоа што тогаш многу од компаниите стиснаа заби и ги реализираа плановите, а некои не успеаја. Тоа што за некои од компаниите роковите се одложија за шест месеци, сè додека тие се придржуваат до тие шест месеци е во ред. Лошо е ако се продолжи за уште година, па за уште година. Се надевам дека ова ќе биде прва и единствена шанса за компаниите да го исполнат она што самите ветиле дека ќе го исполнат.

Пролетва повторно има загадување, а нема вонредни мерки како зимоска. Што е спасот за Скопје, пречистителни станици, филтри, градење мини зелени површини на сметка на се поголемата урбанизација на градот?

Загадувањето генерално во зимскиот период доаѓа најмногу годинава од граѓаните. Фабриките де факто годинава не работеа и тие се амнестираа од тоа загадување, што беше дури и проблем, сега ќе кажат не сме ние. Проблем е начинот на греење на граѓаните. Топлификација го покрива само централниот дел, останатиот дел се грее на струја или на дрва, тоа е еден фактор. Второ, порано имавме градежна сезона што траеше од 6-8 месеци, сега имаме градежна сезона од 12 месеци. Значи, градежништвото дополнително влијае на зголемување на прашината во воздухот и на тоа загадување, така што, има повеќе аспекти. Генерално, мора повеќе да се возат велосипеди, мора да се направат повеќе велосипедски патеки, бидејќи во моментов градот е пренатрупан, нема паркинг место итн. Постојат и други можности во однос на намалување на загадувањето преку спроведување на мерки за енергетска ефикасност во домовите, значи тоа се некои мерки коишто треба да се размислат и да се спроведат.

Колку еколошките движења кај нас се финансиски независни и дали како резултат на тоа имаме несразмерен одговор на она што се случува?

Генерално постојат организации што работат на својата цел, на пример нашата работи на заштита на животната средина, некои работат на човекови права, некои од организациите работат за да затскријат некоја друга намера. Нормално, на сите ни е јасно дека постојат и организации, во повеќе области, во сите генерално, коишто се параван на некоја политичка активност, странска активност, неважно. Ние секогаш гледаме да бидеме максимално неутрални. Генерално, финансирањето за нас треба секогаш да биде неутрално, но проблем е што секогаш е по проект. Тоа финансирање по проект претставува проблем затоа што не секогаш може да ги покриеме сите наши активности, па затоа и од пред две-три години со повеќе организации направивме повеќе коалиции за да може да покриеме пошироки теми каде што некои организации се експерти, па разменуваме искуства. Сметам дека во иднина треба да им се дадат на граѓанските организации повеќе финансии во делот на научно-истражувачка дејност, бидејќи за таа тема не се обезбедуваат финансии, а без научно-истражувачка дејност не може да имаме релевантни информации.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG