Достапни линкови

Отстранување или легализација на спомениците од „Скопје 2014“?


Споменик на Александар Македонски во Скопје, воин на коњ

„Воинот на коњ“, „Порта Македонија“ и скулптурите на плоштадот кај споменикот на Филип Втори се дивоградби, утврдила комисијата за анализа на проектот „Скопје 2014“. Според нејзиниот член Мартин Пановски тие согласно законот треба да бидат отстранети или евнтуално легализирани, но прашање е дали некој ќе одговара за тоа.

Сите градби за кои досега изготвила извештај работна група за изработка на Анализа за реализацијата и последиците од проектот „Скопје 2014” се дивоградби. Работната група има за цел да ги утврди неправилностите при добивањето на градежните дозволи, а изготвени се извештаите за „Воинот на коњ“, „Порта Македонија“ и скулптурите на плоштадот кај споменикот на Филип Втори.

Претседателот на Асоцијација на архитекти и член на комисијата Мартин Пановски во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела вели дека надлежноста за постапувањето на спомениците треба да оди преку Собранието, што не било случај, туку тие биле поставувани или од општина или од градот.

„Значи сега не зборуваме дали нешто е добро или не е добро. Чинело или не чинело пари. Работната група констатира, а понатаму треба да превземе власта. Мора во оваа земја да почнат да се почитуваат законите, а тоа значи доколку евидентирате дека нешто е дивоградба колку и да е добро вие по службена должност како градоначалник мора да го отстраните во спротивно го кршите законот“, вели Пановски.

Од Град Скопје денеска ни соопштија дека немаат добиено нова одлука за извештај на комисијата во која се нотирани нови дивоградби кои би биле во нивна надлежност за понатамошно постапување.

По отстранувањето на споменикот на Андон Јанев Лазов Ќосето од Град Скопје не ја исклучија можноста истата судбина да ги снајде и другите споменици. Но, тогаш потенцираа оти тоа ќе се направи само доколу бидат исполнети правните услови за таква акција.

Според Пановски, одлуката на властите е дали ќе го почитуваат законот или не и се знае како е пропишано како се постапува со бесправно изградени објекти. Тој смета дека евентуално општините може да донесат одлука и да ги легализираат спорните споменици.

„Проблемот е дали општините исто така по службена должност би требало да кажат кој ја издал градежната дозвола која не би смеело да биде издадена и каде се тие луѓе и дали некој ќе одговара за тоа“, додава тој.

Пановски истакнува дека одговорноста треба да ја преземе целото општество од министерството за култура, обвинителството и сите засегнати страни.

Засега единствено од проектот „Скопје 2014“ беше отстранет споменикот на Ќосето во февруари кој се наоѓаше пред Врховниот суд, а на неговото место беше засадено дрво на човекови права.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG