Достапни линкови

Градот да се фокусира на клучните проблеми, а не на спомениците


Илустрација: Скопје 2014

Од Град Скопје не откриваат дали ќе бидат отстранети и други споменици од проектот Скопје 2014. Уверуваат дека посветено работат на проектите кои беа ветени. Експертите, пак, апелираат до власта да создаде услови за достоинствен живот на граѓаните, а не да се занимава со спомениците.

По поделените реакции во јавноста по отстранувањето на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, од Град Скопје не откриваат дали и кои други споменици од проектот Скопје 2014 ќе бидат дислоцирани. Оттаму не ја исклучуваат можноста дека истото може да се случи и со други споменици, но потенцираат дека тоа ќе се направи само доколу бидат исполнети правните услови за таква акција.

„Што се однесува до други ситуации, не би сакале да влеземе во некакви шпекулации без притоа да имаме нешто конкретно. Значи за секој случај за којшто мислиме дека правните околности се созреани, тогаш би можеле да ве известиме за конкретни чекори“, вели портпаролот на Град Скопје“, Ваљон Салиху.

Tој сепак потврдува дека галиите во Вардар ќе бидат тргнати, за што градоначалникот Шилегов веќе дал налог за почнување на постапка за нивно отстранување. Oдлуката била донесена по наодите на студија на УНДП според која дури и најмалата поплава во Скопје може да предизвика големи штети во градот.

Во меѓувреме, деновиве на социјалните мрежи, подбивни коментари на адреса на градските власти доби пуштањето на автобуската линија 50 во Градскиот трговски центар, а граѓаните прашуваа дали градските власти работат на сериозни и конкретни проекти? Но, од Град Скопје уверуваат дека работат посветено на проектите за намалување на аерозагадувањето, гасификацијата, повеќе зеленило, како и на инфраструктурни проекти.

„Градоначалникот има спомнато за можностите за тунелите во тврдината Кале, се разгледуваат можности за изградба на нови улици со цел да се растоварат постоечките и да се поврзе градот без притоа да мора да кружите. Меѓутоа, пак, да не навлегувам во шпекулации, сè уште нема ништо конкретно, туку се прават студии“, изјави Салиху.

Упатените, пак, велат дека градските власти сепак треба да се фокусираат на многу поконкретни проекти кои ќе го направат животот на граѓаните подостоинствен и цивилизиран. Таков е ставот на професорот Минас Бакалчев од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“.

„Има толку работи што треба да се поправат и направат во градот, така што ако постојано влегуваме во едно исто, всушност влегуваме во таа спирала од која што требаше да исчекориме. Не гледам апсолутна потреба да се тргне ниту еден споменик, освен ако постојат релевантни сознанија за безбедноста, а гледам апсолутно голема потреба да се свртиме околу себе, да видиме како и каде живееме и што треба да направиме за да бидеме ставени во еден европски контекст“, изјави Бакалчев.

Градот треба да гледа да направи нешто подобро за сите кои тука живеат, а не да се враќаат назад во минатото, додава Бакалчев.

„Мислам дека сите треба да се движат пешки низ центарот и да видат дека нема каде да се движиме достоинствено. Немаме тротоари, треба да ја видиме нивелацијата на партерите, немаме урбан зафат во однос на јавниот простор, не во однос на симболичните вредности. Значи напросто да се фокусираме на најобичните работи кои можат да ни го подобрат секојдневното живеење“, вели професор Бакалчев.

Во интервју за нашето радио, градоначалникот Шилегов изјави дека доградбата на мостот на Панорамското тркало без Панорамското тркало чини околу 4,5 милиони евра, односно исто толку колку што би чинело чистењето на коритото на реката Вардар, од мостот, од галиите и од фонтаните кои веќе подолго време не работат.

Споменикот на Ќосето e прв од проектот Скопје 2014 година кој e отстранет, а градоначалникот Шилегов ја стопираше и изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик. Од градот велат дека со пренамена на средствата предвидени за Скопје 2014, почнати се интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта со цел истите да добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG