Достапни линкови

Бранителите бараат ослободителна пресуда за Титаник


Архивска фотографија: Поранешниот премиер Никола Груевски во Кривичниот суд во Скопје

Ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски денеска побара и адвокатот Димитар Дангов во воведното обраќање пред судот во предметот на СЈО „Титаник“. На претходното рочиште, обинителката Лиле Стефанова во воведот побара да се конфискува имот на обвинетите Груевски и Мартин Протуѓер во вредност од над 550 илјади евра.

Дангов денеска побара ослободителна пресуда и за уште тројца обвинети и рече дека ќе докажат дека обвинетите не сториле ниту едно кривично дело за кое се обвинети.

Дангов во воведниот говор ги спомна и аудио снимките по кои е покренато обвинението. Според него, материјалите произлезени од незаконското следење на комуникациите се незаконити и побара судот да не ги прифати „бомбите“ како доказ.

Во „Титаник“ обвиненти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

XS
SM
MD
LG