Достапни линкови

Во очекување на консултации, се шират шпекулации за името


Архива Координативен состанок (лидерска средба) на државно-политичкиот врв за предлозите за решавање на проблемот за името со Грција, дадени од медијаторот на ОН, Метју Нимиц.

Од Владата соопштуваат дека многу скоро премиерот Заев ќе ги информира шефот на државата и партиските лидери за последната фаза од преговорите за името. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат никакви детали за разговорите за името и ќе го реафирмираат ставот за итна лидерска средба

Откако премиерот Зоран Заев најави дека со неговиот грчки колега утврдиле една опција за можно решение за што ќе следува процес на консултации со релевантните фактори дома, од Владата не прецизираат кога точно ќе почнат консултациите, но соопштуваат дека претседателот на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и другите лидери ќе бидат информирани многу скоро.

„Како што изјави премиерот Заев, во последната фаза на преговорите од македонска страна се презентирани повеќе опции за можни решенија, а за една од нив утврдено е дека може да биде прифатлива и за двете страни. Нема да следат натамошни коментари бидејќи најпрво треба да бидат информирани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на државата и другите лидери, што ќе се случи многу скоро,” информира владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека засега немаат никакви информации за разговорите за името и додаваат дека нема да коментираат предлози и идеи кои се се уште неофицијални, хипотетички и предмет на шпекулација.

ВМРО-ДПМНЕ нема никакви детали ниту информации за разговорите за името. Владата досега одбива лидерска средба во формат кој е единствено транспарентен за вакво едно прашање. Затоа ние ќе го реафирмираме ставот за итна лидерска средба. Не би коментирале предлози и идеи кои се се уште неофицијални, хипотетички и предмет на шпекулација,“ велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, во јавноста се појавија шпекулации околу можното решение, а одредени медиуми повикувајќи се на „дипломатски извори“ пишуваат дека договореното решение е Илинденска Република Македонија.

Од Владата ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат веста за овој предлог, а имајќи предвид дека овој предлог не е на листата на официјални предлози за решение кои претходно ги понуди медијаторот Метју Нимиц, некои аналитичари не ја исклучуваат можноста дека се работи за умешно смислен спин, кој треба да го сврти вниманието на јавноста да не дискутира за другите делови од текстот.

„Се е можно. Штом оваа вест ја преокупираше целата јавноста веднаш штом се појави, значи дека е добро погодена и дека реално барем малку го одвлече вниманието од другите делови на текстот. Треба да се причека, но дури и ако е само шпекулација мора да се оддаде почит на тој што ја измислил зошто е креативна и се појавува во период кога ние сигурно ќе расправавме за сите други точки на кои укажа и премиерот Заев“, изјави политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Во меѓувреме шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева за Радио Слободна Европа изјави : Разбрав дека еден од предлозите е Илинденска Македонија.

Захариева:Илинденска Македонија ми звучи дека тие препознаваат оти имаме заедничка историја
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00

И премерот Заев и неговиот грчки колега Ципрас, вчера изјавија дека сакаат да видат резултати до Самитот на ЕУ во јуни. Инаку од средбите на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција кои последниот период беа интензивни, познато е дека најспорни прашања што останаа се промената на Уставот на што инсистира грчката страна и опсегот на употреба на името.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG