Достапни линкови

Средбата Заев-Ципрас во Софија – главна тема во медиумите


Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија

Средбата меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија е главна тема во домашните медиуми.

Веста на денот во сите електронски изданија на весниците е денешната средба Заев – Ципрас на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во бугарскиот главен град. Инспириран од зборовите на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на една панел-дискусија, исто така во рамките на Самитот во Софија, Независен оди со наслов: „Заев и Ципрас во потрага по чудо во Софија“.

Вечер во насловот го цитира Димитров: „Чуда се случуваат“, а во текстот се додава делот од изјавата дека „би било чудо решение на спорот за името, но чуда сепак се случуваат“. Според Димитров, „би било трагично за земјата да не почне преговори за членство оваа година, која се смета за историска“.

Слободен печат на насловната има фотографија на францускиот претседател Емануел Макрон и на германската канцеларка Ангела Меркел со наслов: „Во Софија денеска клучна средба за името меѓу Заев и Ципрас – И Меркел и Макрон на крштевката?“

Инаку, премиерот Заев имал билатерална средба со францускиот претседател, по која Макрон изјавил: „Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста да го решат прашањето за името“, како што наслови Нова Македонија.

Вечер за средбата на Заев со Макрон во насловот ги користи зборовите на македонскиот премиер: „За иста Европа се бориме“.

Нова Македонија, како впрочем и другите портали на домашните печатени медиуми, ги објавуваат зборовите на грчкиот премиер на Твитер: „Последните метри се секогаш најтешки“ и дека досега е сторено многу, но оти треба да се изоди уште доста пат.

Откако актуелниот гувернер на Народната банка на Македонија, Димитар Богов писмено се откажа да биде предложен по втор пат за гувернер, како што беше предложил претседателот Ѓорге Иванов, „Партиите тактизираат за предлогот вице-гувернерката Ангеловска-Бежоска да биде нов гувернер“ – гласи насловот во Нова Македонија.

И Слободен печат пишува дека „Партиите сè уште без формален став за предлогот на Иванов за нов гувернер“.

Независен и другите електронски изданија на печатените медиуми го цитираат директорот на Фондот за здравство Ден Дончев од гостувањето на една телевизија: „Македонија е во лоша состојба во здравството“ и дека сега „ја плаќаме негрижата на претходната власт на која здравството очигледно не ѝ било приоритет“.

Судејќи според информациите, во земјава ќе се случуваат работи што досега ги немало. „Премиерот и лидерот на опозицијата ќе одржат јавен ТВ дуел“, објави Вечер кој во насловот дополнува: „Заев ја прифати поканата на Мицковски за ТВ дуел“.

Слободен печат, пак, пишува дека актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи во една телевизиска дебата најавила дека во иднина може да биде претседателка на Македонија: „Теута Арифи со амбиција за претседател на државата“, насловува весникот.

„Ќе се бара јавен увид во службените трошоци и на судовите, пратениците и претседателот“, објави информација Вечер, потсетувајќи дека со одлука на Владата, до 20 јуни сите директори и нивни заменици на самостојните органи на државната управа, на јавните претпријатија и други што имаат некаква врска со државата треба на своите веб-страници да објават податоци за службените трошоци.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG