Достапни линкови

Можно сценарио за договор за името


Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос
Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос

Аналитичари очекуваат договор меѓу Македонија и Грција за фазно спороведување на ерга омнес со цел земјата да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ.

Пред средбата на македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на самитот во Софија во јавноста во двете земји се шпекулира околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна.

Очекувањата за можен напредок за името се за до крајот на јуни кога е и самитот на Европската унија за да можат лидерите на ЕУ да ја одобрат препораката на Европската Комисија за почеток на преговори дадена во април. Како клучни нерешени прашања остануваат: ерга омнес и начинот на кој ќе се одобри договорот, особено евентуалната уставна ревизија. Упатените велат дека никој не очекува спорот да се реши неделава, но оти постојат очекувања Македонија и Грција да дојдат до компромис до јуни за да може Макадонија во јули на самиот на НАТО да добие покана за влез во Алијансата.

Андреја Стојковски од Центарот за Европско образование вели дека засега недостига информација што Грција ќе донесе во преговорите. Тој коментира дека не може преговорите да бидат засновани на тоа оти Македонија ќе прифати се за да почнат преговори со НАТО и ЕУ, а Грција ќе се обврзе дека нема да ја блокира Македонија или дека ќе го испочитува договорот кој ќе биде постигнат. Тој на ова укажува со оглед на искуството со претходно прекршување на времената спогодбата.

Од овие причини Стојковски смета дека евентуално станува збор за временска рамка во која ќе се дозволи процесите да течат во оној момент кога ќе се постигне договор помеѓу Грција и Македонија. Овој договор, според Стојковски, треба да биде ратификуван во Собранието во Македонија, како и во грчкиот парламент со цел да почнат да течат роковите и да се создаваат обврски за двете страни.

„Тоа значи дека Македонија ќе треба да ги почне процедурите за промена на името со известување во ОН за промена на името за меѓународно користење или каков и да биде договорот, а Грција ќе треба да се сложи со отворање на пристапните преговори и упатување на покана за придружување за членство во НАТО. Грција ќе треба да се сложи со тоа зошто тоа не е конечниот момент. Има уште многу работи кои следуваат. Пристапувањето во НАТО е процедура која трае година и половина. Практично како договор кој вели, да, ќе станете членка и на ЕУ и на НАТО ќе имате доволно време да ги исполните сите работи, а во меѓувреме, ќе ви дадеме шанса да се чувствувате европски и да продолжите да се развивате реформски“, вели Стојковски.

Со други зборови тоа значи дека Македонија ќе добие покана за членство што ќе значи дека ќе може да се третираме како членка на НАТО, но нема да имаме формално членство. Од друга страна ќе бидат отворени пристапните преговори со ЕУ, а во меѓувреме во година ипол додека трае пристапувањето во членство во НАТО, Македонија ќе може да ги заврши своите обврски и тоа ќе биде паралелно со процесот на преговарање.

Со оглед на искуството со прекршувањето на времената спогодба од страна на Грција се отвора сомнеж дека и евентуалниот договор што сега би се постигнал повторно може да не биде испочитуван. Стојковски вели дека токму од тие причини можно е примената на договорот да биде фазна.

„Ќе ни биде упатена покана за пристапување во членство во НАТО. Во меѓувреме, ќе почнеме со процес на преговори на пристапниот протокол и негова ратификација во националаните парламенти. Тоа е година и половина. Во таа година и половина и двете страни се веќе во процес. Блокада може да се случи само ако Грција не го ратификува протоколот за пристапување на Македонија во членство во нејзиниот парламент, но не на друг начин“вели Стојковски

Универзитетскиот Професор Владимир Ортаковски пак, нагласува дека сложено име за севкупна употреба или ерга омнес значи непочитуавње на резолицијата на ОН и на Советот за Безбедност и на Генералното Собрание од 1993 година кога сме примени во ОН.

„И кога беше кажано дека разликите околу името се однесуваат на опсегот на употреба во ОН, а не ерга омнес. Така што секогаш кога Грција ќе каже ерга омнес таа директно противречи на мандатот кој го има Метју Нимиц како посредник во име на ОН. Кога се зборува за ерга омнес се зборува надвор од мандатот на Метју Нимиц“, вели професорот Ортаковски.


  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG