Достапни линкови

Ќе го соопштат ли Заев и Ципрас во Софија договорот за името?


Архивска фотографија- премиерите на Македонија и на Грција се сретнаа на Светскиот економски форум во Давос

Опозицијата бара итна лидерска средба за името, а аналитичарите очекуваат в четврток во Софија премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да пресечат и за останатите спорни прашања.

Се уште не се знае дали ќе има лидерска средба за името како што побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој ја прекина посетата на Италија за да побара лидерска средба, а од партијата соопштија дека се “потребни одлуки”.

Ова барање од опозициската партија следи ден по средбата на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција во Сунио и по изјавата на посредникот во спорот Метју Нимиц двајцата “дека завршиле позитивна работа” .

Денеска од Владата не одговараат дали се почнати контакти подготовки за лидерска средба и за ова прашање упатуваат на вчерашното соопштение. Во него тие наведоа дека лидерска средба ќе се одржела во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби, а дека во меѓувреме лидерот на опозицијата можел да побара средба со премиерот.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Мицкоски досега не бил контактиран од Владата за термин за одржување на евентуална лидерска средба за името, а секој термин за него е прифатлив, освен в среда кога заминува на самит на ЕПП во Софија.

„Тоа што премиерот Зоран Заев одбегнува лидерска средба создава впечаток дека нешто се крие од јавноста“, наведуваат од опозициската партија.

Од таму на прашањето зошто бараат итна лидерска средба одговараат критикувајќи ја владата за дисонантни тонови, затвореност, попуштање и ретерирање во позициите.

Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за спорот за името“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Извесен ли е официјален договор?

Премиерот Заев, пак, минатиот месец рече дека ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу него и Ципрас, тоа значело конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение.

Средбата на двајцата премиери за в четврток ја потврди Нимиц во саботата наведувајќи дека министрите сега се враќаат во своите земји за да ги информираат премиерите за деталите како подготовка за нивниот состанок. Претходно Димитров рече дека преговорите се во најделикатната и последната фаза.

Не се само изјавите на Заев и на Димитров, туку и реакцијата на Мицкоски кои упатуваат на тоа дека в четврток македонскиот и грчкиот премиер може да соопштат дека најтешките прашања се надминати, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Според него такви прашања се опсегот на употреба на името и динамиката на спроведувањето на договорот за кои Заев и Ципрас ќе треба да ги “пресечат”.

„Така што мислам дека сме пред финалната фаза и пред договорот“, вели Муслиу.

Единствената лидерска во јануари

Единствената лидерска средба досега откако владата ги интензивира преговорите со Грција се одржа во јануари по средбата на премиерите Заев и Ципрас. Тогаш шефот на македонската влада ги брифираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, шефот на државата Ѓорге Иванов и првиот човек на ДУИ Али Ахмети за случувањата.

Истовремено и Ципрас во Грција ги викна лидерите на партиите на одделни средби за да им каже за текот на настаните по средбата со македонскиот колега.

Од тогаш досега лидерска средба во Македонија во таков формат немаше. Во почетокот на март Заев и Мицкоски имаа билатерална средба на која стана збор и за името, а премиерот најавуваше можна лидерска средба по Велигден, но таа не се случи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG