Достапни линкови

„Чудна шума“ на Шукарова за Меѓународниот ден на танцот


Меѓународен ден на танцот 2018

Искра Шукарова, кореограф и професор на Факултетот за музичка уметност, Урсула Игли, кореограф од САД и музичкиот уметник Џијан Емин, заедно со студентите од Катедрата за современ танц, в недела во 20 часот во Македонска филхармонија, со танцов перформанс, ќе го одбележат 29 април - Меѓународниот ден на танцот.

Најнапред фоајето, а потем и Камерната сала на Македонска филхармонија, в недела од 20 часот, ќе бидат сцената на која ќе се случи современ танцов со кој не само што ќе биде одбележан 29 април – Меѓународниот ден на танцот, туку наедно ќе биде сторен напор да се продре подлабоко во процесот на едукација.

Присутната публика ќе има можност да го проследи работниот чин на студентите од Катедрата за современ танц при Факултетот за музичка уметност и самостојната изведба на Урсула Игли, остварени во рамките на кореографското дело на Искра Шукарова - „Чудна Шума“.

На овој современ танцов настан поканет е Џијан Емин, кој ќе биде вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт, нешто што нему не му е непознато бидејќи тој зад себе ја има соработката во проектот „Страница надвор од редот“ од 2007 година кога во Њујорк ги соедини креативните сили со Шукарова, Игли и со авангардната уметница Јошико Чума.

И, кога сме веќе тука, редно е да се спомене дека наредната 2008 Шукарова и Игли, пак, лансираа заеднички проект исто така во Њујорк, соработуваа и во 2010 година во нашиот Драмски театар, потоа во 2011-та како дел од њујоршкиот Performance Mix Festival и конечно пред три години во рамките на фестивалот „Локомоушн“ во Скопје.

Програмата што ќе биде претставена на Денот на танцот - 29 април, ќе биде изведена како перформанс на кој, како што велат и двете кореографки, „ќе се обидат да ја воспостават нишката на структурираното општествено живеење, пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сластни танци“.

Во проектот „Чудна шума“, освен авторката Шукарова и Игли со сопствено видување на зададената тема, учествуваат и Деана Антевска, Јована Јанчовска, Бојан Мицев, Јана Петровска, Росана Стефанова, Ана Маркоска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Стефанија Лефтеровска, Милена Гаврилова, Тања Василевска, Елена Костадинова, Бисера Димчева, Ангела Костадиновска и Олга Серафимова. Со неговата изведба, со комплетниот настан ќе биде промовирана и работата на Катедрата за балетска педагогија - отсек за современ танц, која е формирана во 2010 година на ФМУ.

„Тоа се сега споени слики од се она што го истражуваме низ овој едукативно-уметнички процес. Тоа се нови слоеви на ова дело, на „Чудна шума“, на перформансот што беше премиерно изведен на Минатогодишниот концерт на студентите од Катедрата за современ танц, и во форма којашто на крајот ќе биде врамена, структуирана...за да може да се сподели со публиката бидејќи тоа пред се идејата на проектот NOMAD TO NOMAD зад кој стои невладината организација Номад танц академија - Македонија“, вели Шукарова.

Кореографката и професор на Академијата и со дополна дека, по соработката со Нелсон Валмар од Словенија од крајот на март годинава, ова всушност е втор настан од проектот NOMAD TO NOMAD кој допрва треба да се развива.

„Идејата е да има се повеќе вакви настани. Секој настан ќе биде настан за себе. Со кореограф од регионот или од светот кој ќе дојде со таа намена, за таа цел, да го изработи тоа со студентите и да го промовираме што почесто вака во јавноста. Современиот танц е нешто што сеуште се развива. Тоа е нова танцова форма зад којашто јас стојам со години и се обидувам да ја промовирам и да ја доближам до публиката“, смета Шукарова.

Инаку за одбележувањето на 29 април - Меѓународниот ден на танцот на оваа вечер ќе биде прочитана и пораката на Македонскиот интернационален театарски институт чиј автор е младиот и успешен македонскиот танчер Марко Мицов, кој живее и работи во САД. Тој, меѓу другото, во своето послание вели:

Танцот дава смисла на животот, дава неисцрпна енергија, дава мотив за создавање нови дела кои причинуваат непроценливо задоволство. Танцот е мој сон, кој вечно ќе го сонувам. Тој е извор на енергија и задоволство, тој е наш вечен пријател. На овој голем ден, на овој јубилеј сакам да порачам дека танцот е непроценливо богатство на човештвото. Танцот не зближува и припаѓа на сите луѓе во светот подеднакво. Ние танчерите и сите други да го правиме танцот стил на живеење, светски гласник на мирот, гласник на еднакви можности и еднаквост за сите во сите делови на земјината топка.

Неговата и наша порака ќе ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром - Македонија, со кој Шукарова соработува преку проектот „И јас сакам да бидам балерина“, а поддржан е од УНИЦЕФ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG