Достапни линкови

Земјоделството не може да преживее без субвенции


Земјоделец ора со трактор во близина на Битола.
Земјоделец ора со трактор во близина на Битола.

Цената на производство е зголемена, а цената на производите останува иста. Дури и со субвенциите едвај се преживува, се жалат земјоделците.

Македонското земјоделство нема светла перспектива без државната помош за негова поддршка или популарните субвенции, велат познавачите на состојбите. Дури и со нив, земјоделците едвај преживуваат, раскажува Љупчо Аризанов, земјоделец и член на земјоделското здружение Агротиквешија 2002.

„Во земјоделството, цената на работната рака е зголемена, вештачките ѓубрива пред неколку години се плаќаа од 500 до 700 денари за 50 килограми, денеска толку изнесува 25 килограми ѓубре. Понатаму пестицидите и сите заштитни средства кои ги користиме, без нив не се може поради болестите на производите, и тие се со енормно високи цени. Така што ако останеме без субвенциите, земјоделците ќе бидат неконкурентни и без работа“, вели Аризанов.

Цените на земјоделските производи се многу ниски и тие не ги задоволуваат потребите на земјоделците, се жали Аризанов. Парите кои му следуваат како субвенции ги користи исклучиво за развој на лозарството со што се занимава многу години.

Професор Борис Анакиев објаснува дека земјоделството е изложено на непредвидливи климатски промени, поради што е потребно да постои државен протекционизам. Аграрната економија подразбира помагање на земјоделството и конкурентност на нашите производи на странските пазари, посочува Анакиев.

„Поддршката на земјоделците има две основи. Првата е да се произведува квалитетна и доволно безбедна храна за населението и втората, земјоделците со стандардот да се доближат до градското население. Тоа е европски модел и ние сме го прифатиле“, вели Анакиев.

Тој појаснува дека земјоделецот треба да одлучи како ќе ги искористи добиените средства.

„Земјоделецот добива средства според посеаната површина. Тој мора сам да процени и оцени колку ќе произведе, колку да вложи во производство, а колку за подигање на својот стандард, да си поправи куќа, да си купи мебел и слично. И ако тој добива пари за повеќе култури кои ги одгледува, се собираат доста средства кои треба правилно да ги искористи“, вели Анакиев.

Добивањето на државна помош има за цел да се создаде економично производство, велат експертите според кои приоритет на секој земјоделец треба да биде остварувањето на што поголем принос и рентабилното работење.

Поради политичката криза исплатата на планираните земјоделски субвенции доцнеше неколку месеци, но со последната одлука на Уставен суд која ја укина забраната за исплата на субвенции, на корисниците на државни субвенции меѓу кои најмногубројни се земјодeлците ќе можат да им бидат исплатени субвенциите пред да се формира новата влада. Според Асоцијацијата на земјоделците, годишно кај нив пристигнуваат околу 80 илјади апликации за исплата на државната помош. Државата на земјоделците им должи субвенции за 2016 година, а на некои од нив и за 2014 и 2015 година. Вкупниот долг изнесува 92 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG