Достапни линкови

Заев: Блиску сме до решението, останаа уште името и опсегот на употребата


Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Бујар Османи на средба со новинарите

Најголемиот дел од прашањата од спорот за името се решени, остануваат уште името за меѓународна употреба и опсегот на употреба на името, изјави премиерот Зоран Заев на денешниот брифинг со вицепремиерите Радмила Шеќеринска и Бујар Османи.

Според премиерот, постигнат е напредок за најголемиот дел од прашањата и, како што рече, тоа му дава право да верува дека има исчекор, но и тоа што е решено, како што додаде, може да се смета дека е договорено само ако има конечен договор.

„Би кажал само дека не е решен опсегот и не е решено името за меѓународна употреба. Многу сме блиску до решение што би требало да биде и потврдено во делот идентитетот и во делот на националноста и на јазикот. Мислам дека сме пред решение за овие прашања“, рече Заев.

Бараме формулации за да покажеме дека немаме иредентистички намери

Во однос на грчките забелешки за иредентизам, Заев смета дека треба да се изнајдат формулации дека немаме територијални претензии, дека немаме намера да ја повредиме границата што не разграничува и дека немаме намера да се мешаме во наследството на Грција, истовремено и тие во нашето наследство.

Тој потврди дека референдум за името ќе има, а прашањето е дали ќе биде веднаш по евтуалниот договор со Грција или пред самиот влез на Македонија во НАТО или во ЕУ.

Грција бара ерга омнес и за домашна употреба

За опсегот на употреба и грчкото барање за ерга омнес, Заев рече дека грчката страна бара тоа да се сфати и за домашна употреба, што е нов момент во преговорите. Според македонскиот премиер, Македонија е на став дека договореното име треба да биде само за меѓународна употреба без промена на Уставот, затоа што домашната употреба на името, како што потенцираше Заев, нема никакво влијание врз Грција.

За прашањето за идентитетот, Заев рече дека Грција има разбирање бидејќи станува збор за лично чувство и определба и не алудира на промена.

„Нас не боли чувството кои сме и тоа мора да го сочуваме. Грците водат грижа за тоа наше чувство, а и ние водиме грижа за нивните чувства“, рече Заев.

Граѓани на Република Горна, Северна, Вардарска Македонија / Маседониа

Прашањето на државјанството, додаде Заев, ќе биде решено согласно новото име.

„Би било веројатно граѓани на Северна/Горна/Вардарска или тоа што ќе го одлучиме кроз Мацедониа. Очекувам да бидат потврдени прашањата што се веќе утврдени во графите на ОН како македонски јазик. Секако, секое решение што ќе биде договорено треба да помине кај институциите и граѓаните на двете земји“, рече Заев.

Шеќеринска: Фокусирани сме на план А

Вицепремиерката Радмила Шеќеринска, на новинарсно прашање дали Македонија има план Б ако пропаднат актуелните преговори со Грција, или за некаков тип партнерство со НАТО и ЕУ од типот на она на Шведска, категорично одговори дека фокусот е на план А.

„Фокусирани сме на план А кој значи решавање на долгогодишниот спор со Грција. Дискусии за план Б во оваа фаза на преговорите само ќе дадат погрешен впечаток дека Македонија може да се задоволи со помалку“, рече Шеќеринска.

Османи: ДУИ не е за референдум, но ќе го поддржиме СДСМ

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека сите фактори во земјата се детално информирани за се во врска со преговорите за името. Османи го образложи и зошто неговата партија ДУИ не е за референдум за името што ќе биде договорено и дека има силни аргументи за таа одлука, но сепак ќе го поддржи СДСМ во намерата да го праша народот дали го прифаќа евентуелно договореното име.

„Сите релевантни фактори во македонија се информирани и за најосетливите делови од преговорите. И претсдателот Иванов, и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Не сме за референдум, а тоа и му го кажавме на премиерот, бидејќи има опасност тоа прашање да се злоупотреби за дневно-политички цели, да има странски влијанија врз референдумот и тој референдум да предизвика референдум и во Грција, кој дополнително може да предизвика компликации“, рече Османи.

Референдум ќе има, рече премиерот Заев, и додаде дека би сакал тој да биде организиран од сите партии заедно, бидејќи наросот последен одлучува.

XS
SM
MD
LG