Достапни линкови

Груевски ќе го чека извештајот на народот


Премиерот ќе ја чека оценката на народот на наредните избори, оти народот бил тој што одлучува во оваа држава. Македонија доби условена препорака од ЕК. Евроамбасадорот Орав вели дека тоа што ќе се случува понатаму со препораката зависи од нас.

Македонија седма година доби препорака за почеток за преговори од Европската комисија, извештај кој ги оценува карактеристиките на државата низ призмата на интересите на Унијата, но на темите опфатени во извештајот најдобра оценка може да даде народот, изјави попладнево во Владата премиерот Никола Груевски на заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Аиво Орав, откако му го предаде Извештајот за напредокот на земјата за 2015 година.

Оценката, односно извештајот на народот ќе дојде на наредните избори и тука се ќе биде јасно и на секому ќе му биде јасно дека народот е тој што во оваа држава одлучува.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

„Оценката, односно извештајот на народот ќе дојде на наредните избори и тука се ќе биде јасно и на секому ќе му биде јасно дека народот е тој што во оваа држава одлучува“, рече Груевски.

Тој додаде дека извештајот содржи позитивни забелешки и дека има и критики, но според него фактот што земјата добила препорака значи дека во оценката на Комисијата за исполнување на критериумите преовладуваат позитивните моменти.

„Ние заедно со сите релевантни субјекти ќе работиме на надминување на предизвиците и критиките и подобрување онаму каде што тоа е реално и потребно. Македонија ќе остане посветена на спроведување на политичкиот договор и клучните реформски приоритети со цел да се обезбедат доволно аргументи земјите членки да расправаат и да ја донесат одлуката за почеток на пристапните преговори со Македонија. Тоа е нашата суштинска интенција и заложба и ние нашата работа ќе ја завршиме. Се надеваме дека по исполнувањето на критериумите, после изборите во 2016 година, нема да сме подложени на нови пречки и услови за недобивање на датум за преговори“, рече Груевски.

Евроамбасадорот Аиво Орав изјави дека најважната работа е што Европската комисија ја повторила препораката, истакнувајќи дека таа е условена и оти Комисијата повторно ќе ја разгледа по изборите во април.

„Развојот на настаните во однос на тоа што ќе се случува во врска со препораката зависат од вас. Извештајот на Европската Комисија денеска беше издаден за вас, како останатите земји кандидатки, и нема потреба дискусијата да се фокусира на тоа дали извештајот е позитивен или негативен“, рече Орав.

Тој посочи дека извештајот е многу сериозен и дека е важно што нуди можност да се види како треба да се постапува понатаму, односно целосно д а се имплементираат договорите од јуни/јули, да се подготват совршени избори и потоа да се имплементираат. Потоа го потенцираше целосното имплементирање на реформските приоритети: слободата на изразувањето, владеење на правото и реформа на јавната администрација.

Во однос на извештајот, денеска повторно имаше меѓусебни обвинувања од страна на двете најголеми партии. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изјави дека Македонија продолжува напред и покрај сите обиди на СДСМ да ја втурне во политичка криза, која пред девет ја креирале лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговата заменичка Радмила Шекеринска. Според Милошоски со Извештајот станало јасно дека сите напори и реформи што ги вложила Владата се препознаени и признаени од страна на Европската комисија.

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска изрази задоволство од новата препорака, упатувајќи и критика кон власта препораката е условена. Пораката по 10 години од добиениот кандидатски статус, е условена и тоа е дело на несериозната актуелна власт, рече Шеќеринска.

Денеска и еврокомесарот Јоханес Хан истакна дека Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за отворање на пристапните преговори за Македонија, но дека тоа ќе биде условено со продолжувањето на спроведувањето на политичкиот договор од јуни/јули и одржливиот напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG