Достапни линкови

Безбедносната агенда ќе ги задржи САД на Балканот


Новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео.
Новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео.

Соединетите Американски Држави еден месец имаат нов прв дипломат, откако американскиот претседател Доналд Трамп го земени Рекс Тилерсон со Мајк Помпео, кој дотогаш беше директорот на aмериканската разузнавачка служба ЦИА. Каква ќе биде американската надворешна политика со промената на првиот човек на Стејт департментот?

Претседателот Доналд Трамп во март му даде отказ на државниот секретар Рекс Тилерсон, по серијата несогласувања околу политиките спрема Северна Кореја, Русија и Иран. На негово место го назначи Мајк Помпео. Според познавачите, тој ќе донесе нова политика во пристапот на спроведувањето на американската надворешна политика според погледите на Трамп.

Гоце Атанасов

„Огромна енергија, огромен интелект - секогаш сме на иста бранова должина“. Вака американскиот претседател Доналд Трамп го оцени неговиот избор за нов државен секретар, досегашниот директор на ЦИА Мајк Помпео.

Според очекувањата на посматрачите, тој би требало да донесе поцврст американски пристап не само во преговорите за нуклеарното оружје со Северна Кореја и односите со Русија. Неговиот претходник Рекс Тилерсон кој имаше умерено влијание во смирување на инстинктите на Трамп, во прошталната порака кон крајот на март до вработените во Стејт департментот изјави:

„Би сакал да замолам секој од вас да се обврзе да обезбеди еден чин на љубезност секој ден кон друго лице. Ова може да биде многу злобен град. Но, вие не мора да изберете да учествувате во тоа“, рече Тилерсон.

Тој бараше од Трамп да го задржи нуклеарниот договор со Иран и да каже дека Соединетите Америкнаски Држави не се обидуваат да го отстранат севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Помпео, од друга страна, на една конференција за безбедност лани изјави дека промена на режимот може да биде опција во Северна Кореја.

„Но, она што е најопасно за тоа е ликот кој ја има контролата над нив денес. Значи, од гледна точка на администрацијата, најважното нешто што можеме да го направиме е да ги разделиме тие две, нели?.“

Помпео, исто така, бара раскинување на договорот со Иран, што е во согласност со истото такво размислување на Трамп. Некои разузнавачи велат дека Помпео бил премногу склон кон претседателот и му го кажува она што тој сака, а не она што треба да го слушне. Како и да е, 54 годишниот конзервативен републиканец Помпео носи моќна актовка за неговата нова улога како главен американски дипломат. Во неа се довербата на претседателот Доналд Трамп, искуството во администрацијата и инсајдерското знаење за Конгресот и федералната бирократија. Помпео е поранешен офицер на американската армија и дипломиран правник во Харвард, а неколку мандати го претставуваше Канзас во Претставничкиот дом. За разлика од бизнисменот Тилерсон кој немаше искуство во владата кога беше избран за државен секретар, Помпео е свесен за тоа како се работи во Вашингтон. Сегашни и поранешни официјални лица изјавија дека Помпео веројатно ќе биде во подобри односи со Конгресот и со Белата куќа, не само поради неговата конзервативна наклонетост. Сепак, тој ќе треба да најде начин да се справи со шефот кој, според досегашниот мандат, покажа мала грижа за дипломатско разбирање.

САД со нов државен секретар, но со иста политика?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:47 0:00

Помпео полесно ќе се вклучи во случувањата во Западен Балкан

Смената на првиот дипломат на САД нема да се почувствува многу во регионот, а со тоа и во Македонија, оти Западен Балкан е подолу на листата на најважните политички и безбедносни приоритети на САД, со години наназад.

Националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски вели дека сепак Помпео се разликува од својот претходник, оти, како што вели има јасна безбедносна компонента во неговото работење. Искуството што го има Мајк Помпео и како поранешен шеф на американската разузнувачка служба ЦИА, и претходно како сенатор, ќе му помогне полесно да се вклучи кон новите случувања во овој регион, вели Пендаровски.

„Бидејќи за жал и после толку години демократија во Западен Балкан, главните проблеми сè уште се, безбедноста и економијата, меѓутоа економијата не може да растури држава, безбедноста за жал може“, вели Пендаровски.

И други домашните аналитичари не очекуваат големи промени, оти како што велат политиките на САД не се менуваат преку ноќ. Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека приоритетите на САД во однос на надворешната политика, вклучувајќи ја и Македонија, ќе останат исти.

„Надворешната политика на САД е етаблирана, такви промени се очекуваа и кога дојде Тилерсон на чело на Стејт департментот, но се виде дека надворешната политика нема големи амплитуди без оглед на кадровските промени кои настануваат таму, вклучувајќи го и претседателот на САД“, вели Зибери.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски од факултетот Климент Охридски вели дека Соединетите Американски Држави градат политики кои не зависат од субјективниот фактор или не во толкава мера да се промени било што.

Факт е дека во овој период САД не се насочени многу кон Балканот или кон Македонија воопшто и затоа не очекувам промени. Можеби некои процеси може само да се забрзаат, да гледаме на тоа како на нешто позитивно, но дека ќе има некое влијае врз Република Македонија, тоа не“, вели Дујовски.

САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО и поддржуваат реформи

Македонија пред еден месец, во рамки на регионалната турнеја, ја посети американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел. Тој порача дека САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение во спорот за името. Македонија направи големи чекори напред во ангажирањето во преговорите и ова е одлична можност за доаѓање до решение, рече американскиот дипломат.

„Можам да ве уверам дека имаме многу активен интерес, стратегиски и политички, за сите принципи на Балканот од НАТО и европска перспектива. Вие ќе ја видите силната посветеност на САД на овој процес, ќе ја видите мојата и посветеноста на администрацијата на помагање на двете страни. Истовремено, знаеме дека единственото трајно решение е она што ќе го договорат двете страни меѓусебно“, рече Мичел.

За САД важно е спроведувањето на реформите. Американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли често посочува дека ниското ниво на владеењето на правото земјата ја први ранлива за корупција, но и за внатрешни и надворешни непријатели. Тој велидека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешно политичките поделби во земјата. Бејли порачува и дека системските реформи што се воведуваат во Македонија не треба да останат само на хартија, туку да се имплементираат.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG